Утрински Весник
Свет

Се урна автопат во Шведска, три лица се пренесени во болница

Се урна автопат во Шведска, три лица се пренесени во болница

Голем дел од автопатот во југозападна Шведска се урна во текот на ноќта, поради што три лица со полесни повреди се пренесени во болница, соопшти денеска полицијата.

dobivaj vesti na viber

Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска, Гетеборг и главниот град на Норвешка, Осло, во близина на градот Стенунгсунд, околу 50 километри северно од Гетеборг на западниот брег на Шведска.

„Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри. Севкупно, сепак, свлечиштето зафати површина од околу 700 x 200 метри“, се вели во соопштението од спасувачката служба на Гетеборг.

Одронот затрупа десетина возила, шумска површина, деловна површина со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија спасувачките служби.

Пожарникарите им помогнале на луѓето да излезат од возилата со помош на хеликоптер

„Во реонот на свлечиштето, пожарникарите со помош на хеликоптер им помогнаа на голем број луѓе да излезат од возилото“, се додава.

Неколку автомобили и камион паднале во дупките и пукнатините предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ. Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите лица во возилата им била укажана помош.

Полицијата на својата веб-страница објави дека покренала истрага дали свлечиштето е предизвикано од работи на блиско градилиште.

„Се уште не е познато дали има некаква поврзаност помеѓу минирањето/работата на локацијата и одронот“, велат тие.

„Во моментов ниту едно лице не е осомничено за кривично дело“, се додава.

Спасувачката служба соопшти дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи сега ќе ја пребаруваат областа и не може да се исклучи можноста за понатамошни одрони.

Можете да прочитате

Бела куќа: Хезболах го изврши нападот на Голанската висорамнина

Макрон: Франција е целосно посветена да се избегне нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток

Блинкен: Ракетата што го погоди Голан била лансирана од Хезболах