Утрински Весник
Спорт

Шаховското дерби на Алкалоид и САД со многу заплети до нерешен резултат

Шаховското дерби на Алкалоид и САД со многу заплети до нерешен резултат

Светското екипно првенство за шахисти над 50 годишна возраст во Струга веќе во третото коло го донесе дерби мечот на највисоко рангираната екипа, репрезентацијата на САД, со шахистите на Алкалоид кои се четврти носители на турнирот. Мечот заврши нерешено, 2:2, но самите партии ни оддалеку не беа мирољубиви.

dobivaj vesti na viber

Шахистите на Алкалоид влегоа во мечот со стратегија да се одиграат комплицирани отворања кои водат кон нејасни позиции (освен на првата табла), имајќи предвид дека сениорите сепак веќе не се многу турнирски активни, па може да се игра на картата на изненадување, како и на картата концентрација и физичка кондиција, како и менаџмент на времето.

Така, на првата табла се одигра прифатен Дамин Гамбит, без многу ризикување од двете страни. Дојде до брза промена на фигурите и немаше можност за повеќе од реми за ВМ Кирил Георгиев.

ВМ Трајко Недев со црни фигури извојува ефектна победа над ВМ Јан Елвест! Значајот на оваа победа треба да се гледа и во фактот дека Недев направи вистински подвиг со победата над играч кој бил во состав на репрезентацијата на СССР како Олимписки победници 1988 и во топ 5 играчи во светот на ФИДЕ рејтинг листата 1991 година. Со црни фигури го надигра и го доведе во ситуација да предаде на еден потег пред мат, во само 23 потега, што ретко се случува во велемајсторската практика!

– Интересна партија, многу остра варијанта во Сицилијанска одбрана. Белиот играше во својот препознатлив стил, мошне добро, се до еден момент кога направи лоша стратегиска одлука и се надеваше дека ако ми ја „растури“ рокадата ќе има подобри шанси . Реално, доколку мојот противник одбереше друго продолжение можеше да изедначи, но вака форсирано влезе во полоша позиција и таа погрешна проценка беше пресудна,- оцени ВМ Трајко Недев.

На третата табла ВМ Влатко Богдановски играше сигурно, имаше мала предност во одреден момент, но веројатно процени дека нема да може да реализира повеќе и во вториот дел од партијата настојуваше да избегне додатни компликации,по што партијата заврши со реми.

На четвртата табла, тимската стратегија покажа дека има две острици. Во Каталонско отворање ВМ Звонко Станојоски со црни фигури избра варијанта која водеше во нејасна позиција. По долга борба, расплетот се покажа понеповолен за него. Иако во еден момент, во 29 потег, кога противникот направи груб превид беше возможен комплетен пресврт и црниот да игра за победа, на крајот Станојоски по многу долга борба ја загуби партијата, што донесе изедначување на резултатот.

Ова е навистина инспиративен резултат за целата екипа, зачинет со маестралната победа на Недев, а дополнително кога знаеме дека и Станојоски имаше шанса за пресврт, навистина можеме да бидеме многу задоволни од прикажаното во овој меч. Одигравме нерешено со репрезентацијата на САД која е една од актуелните шаховски велесили како држава. Се надевам дека ќе успееме да ја сочуваме свежината на играчите на овој турнир што трае 9 кола и дека достојно ќе се презентираме и во другите мечеви,- рече ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на ШК Алкалоид.

По 3. коло, на врвот има само две екипи со максимални 6 бода (првиот тим на Англија и Исланд), кои ќе се сретнат во 4. коло. ШК Алкалоид ќе игра со селекцијата на Италија, која беше поразена од Англија.

На турнирот за играчи над 65 години, селекцијата на македонските ветерани исто така играше со прворангираните носители, но за жал беше поразена од 3:1 и во четвртото коло ќе настојува да продолжи со добрите партии против Косово.

ПР

Можете да прочитате

Рутинска победа на Реал кај Леганес

Дебакл на Хрватска во БиХ, Хрватите ќе останат без место на ЕП

Повредата на Димитријевиќ не е сериозна: Беше само силен грч , се ќе биде во ред набрзо