Утрински Весник
Македонија

Грковска: Принципите на добро владеење мора да се имплементираат на сите нивоа во јавната администрација

Грковска: Принципите на добро владеење мора да се имплементираат на сите нивоа во јавната администрација

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, учествуваше на панел-дискусија посветена на деблокирањето на клучните реформи, која се одржа во рамките на конференцијата „Современа, ефикасна, дигитализирана јавна администрација: Визија 2030 – Стратегија за администрација“.

dobivaj vesti na viber

„Имајќи предвид дека администрацијата е сликата и столбот и на државата и на општеството, тогаш принципите на добро владеење мора да бидат имплементирани секаде. А кога зборуваме за добро владеење, зборуваме за транспарентност, отчетност, интегритет, како и за брзи и професионални услуги“, изјави Грковска додавајќи дека од приоритетна важност е да се промени светогледот и да се зајакне свеста дека администрацијата е сервис на граѓаните. Во овој долг и тежок процес, додаде таа, клучно е политичарите да бидат пример за сите други во општеството, со својот интегритет и со своето дејствување и работење за доброто на државата.

Грковска се осврна на активностите што изминатиот период ги презеде кабинетот со кој раководи, фокусирани на трите столбови: дигитална трансформација на општеството, транспарентност и ефикасност на институциите и антикорупциски политики, кои се преплетени меѓу себе и директно поврзани со реформите во јавната администрација. Таа го истакна тековниот проект за преосмислување на управувањето, со кој се предвидува воведување индикатори за мерење на успешноста во спроведувањето на политиките и зајакнување на секторите за стратешко планирање во министерствата. Понатаму, таа информира дека е веќе подготвен нацрт на Законот за архивирањето, кој уредува како ќе се третираат дигиталните документи, а интензивно се работи и на воведувањето електронска лична карта како основа за понатамошен развој на дигиталните услуги.

Во поглед на транспарентноста, Грковска истакна дека таа е еден од главните механизми за спречување на корупцијата, но и начин како да се навикнат институциите дека треба да бидат отворени и на услуга на граѓаните. Во таа насока беше подготвено упатство, кое цели кон јакнење на поактивната транспарентност сè до конечната цел, која треба да биде исполнета во 2030, за отворени регистри, кои им се на располагање на сите граѓани.

Како заклучок на излагањето, истакна дека една од клучните реформи за кои се залага кабинетот со кој таа раководи е донесување законско решение, кое ќе оневозможи носители на функција или вработени во администрацијата на сите нивоа да бидат лица што не покажале капацитет за почитување на принципите на добро владеење.

„Во ниту еден од трите столбови на власта, лице на кое му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, доколку е осуден или разрешен за злоупотреба на службената должност, корупција, судир на интереси, дискриминација и користење на службената положба за каков било облик на принуда, не може да биде избран или именуван на функција, односно да биде вработен во јавна администрација. Кандидат за носител на јавна функција, како и вработено лице во јавната администрација, не може да биде лице што се наоѓа на листата на санкции на САД, ЕУ или ООН“, заклучи Грковска.

Можете да прочитате

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи