Промоцијата на новиот оддел на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, опремен со современи апарати за дијагностика и фетална терапија, кои ќе овозможат ран скрининг кај трудниците, беше повод, денес, министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, да ја посети оваа јавна здравствена установа.
На настанот присуствуваше и грчката амбасадорка во земјата, Софија Филипиду, со чија поддршка беше набавена опремата, која ќе значи и редуцирање и намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет.
„Апаратите овозможуваат следење на плодот во текот на неговиот развој, како и детекција на сите можни показатели што може да доведат до несакани последици. Ова е пионерски чекор во нашето здравство за што од голема важност се поддршката и соработката од нашите грчки пријатели, Министерството за надворешни работи на Грција, како и Фондацијата за фетална медицина, со чија помош ја реализираме програмата за фетална медицина. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на амбасадорката на Грција и на грчкиот народ за подадената рака во усовршување на нашиот здравствен систем“, истакна Меџити.
Меџити објасни дека сите наши граѓанки ќе може бесплатно да ги користат придобивките во рамките на оваа програма и најави дека дополнително преку програмата ќе се основаат и стручни усовршувања, односно ќе се отворат магистерски студии во областа на феталната медицина, што ќе се реализираат во соработка со Медицинскиот факултет во рамките на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Асоцијацијата за фетална медицина во Северна Македонија.
„Нашите кадри ќе бидат обучувани од врвни експерти, кои ќе ги обезбеди Фондацијата за фетална медицина. Фондацијата ќе ја обезбеди и неопходната опрема за реализирање на целата програма, што вклучува и два апарата за ултразвук, кревети, компјутери, софтвер и сè што е потребно за опремување на Одделот за фетална медицина“, нагласи Меџити.
Министерот за здравство, Меџити, истакна дека токму поради развитокот на феталната медицина на оваа клиника имаме значителен пад на бројот на мртвородени посочувајќи дека во иднина со помошта на овој центар уште поубедливо овој тренд ќе продолжи.