Утрински Весник
Македонија

Да се повлече предлогот за поблаги казни на функционерите, тоа е обид за тивка амнестија, предупредуваат од „Транспаренси интернешнл“

„Транспаренси Интернешнл“ констатира судир на интереси во работењето на Агенцијата за филм

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ изразува загриженост во врска со предлогот на Владата за изменување и дополнување во скратена постапка на Кривичниот законик.

dobivaj vesti na viber

Предложените измени, според нив, се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата што се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела.

„Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања се дека корупцијата, а особено високата корупција, е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем од 0,4 % од граѓаните е на најниско ниво во историјата на оваа држава кога владее состојба на неказнивост и недостига секаков вид одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите што за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба.

Со новиот предлог-закон за измени на Кривичниот законик се предлага намалување на казните за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластувањето; се брише ставот 5 од членот 353, кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувањето при вршење јавни набавки или на штета на буџетот и на јавните фондови за што беше запретена казна од најмалку 5 години затвор, а максималната казна затвор за злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.

Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето ова наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европско знаменце“, истакнуваат од „Транспаренси нитернешнл“.

Следствено на ваквите измени, како што велат, треба да се види членот 3 од Кривичниот законик – Задолжително применување поблаг кривичен закон став 2 – Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќепати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, одредени постапки подлежат на застареност.

Со ваквото законско решение, оценуваат од „Транспаренси нитернешнл“, многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата, ќе се соочат со застареност.

„Практиката за посебно приспособување на законите кон приватните интереси е длабоко вкоренета во РСМ. Со измените на Кривичниот законик од 2018 година се намалија казните за злоупотреба на постапката за јавни набавки (тендерска постапка) и доделувањето договори за јавни набавки или јавно-приватно партнерство. Тоа резултира со неказнивост на кривично осудено лице.

Оваа практика на носење закони по мерка веќе ја имаме препознаено и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за преспанскиот договор. Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие. Во овој случај веќе постои практика определени политички цели да се постигнуваат со „тивка амнестија „за што уште еднаш сите заложби за правна држава се уриваат пред заложбата за политички компромис“, се наведува во реакцијата.

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ укажува дека штетата што може да настане како последица на ваквите законски решенија, каде што практично доаѓа до неказнивост, би била огромна.

„Секоја измена на Кривичниот законик привлекува огромно внимание како од стручната фела така и од сите фактори во општеството, така и оваа и не смее да се дозволи тивка амнестија на сторителите на коруптивни кривични дела на штета на граѓаните и затоа предлагаме овој предлог да биде повлечен. Реакцијата на ‘Транспаренси нитернешнл – Македонија’ ќе биде доставена до GRECO, UNODC и до Transparency Internatonal“, потенцираат од таму.

Можете да прочитате

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства 

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ