Руската противвоздушна одбрана уништи три беспилотни летала кои рано утринава се обидоа да ја нападнат Москва, а нема повредени, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин.
Тој рече дека силите за противвоздушна одбрана го уништиле дронот во областа Твер во Завидово, кој летал во правец на Москва, а нема жртви или материјална штета.
Собјанин на Телеграм напиша дека службите за итни случаи дошле на местото на настанот.
Градоначалникот претходно изјави дека во текот на ноќта силите за противвоздушна одбрана уништиле беспилотни летала во регионот Калуга и Истарскиот округ на Московската област, кои се обидувале да ја нападнат Москва и дека никој не е повреден, а во Истарската област е оштетен сервисен објект, објави РИА Новости.
Собјанин изјави дека остатоци од дрон паднале врз селото Завидово во областа Твер.
Според агенцијата РИА Новости, официјалната резиденција на палатата на рускиот претседател Владимир Путин – „Рус“ се наоѓа во Завидово.
Руските новински агенции јавија дека речиси 50 летови биле откажани или одложени рано утринава од четири големи аеродроми во близина на Москва.
Украинската армија секојдневно ги напаѓа руските региони со беспилотни летала, главно пограничните области, регионите Курск, Брјанск и Белгород, како и Крим.