Потрагата по подморницата „Титан“ беше една од централните теми на светските медиуми неколку дена во јуни. Туристички брод со пет патници до потонатиот брод „Титаник“ изгуби контакт со површината, а спасувачите почнаa трка со времето за да го спасат екипажот.
Сега спасувачите, кои ги пронајдоа остатоците од подморницата „Титан“ на „Оушнгејт“, раскажаа за „Скај њуз“ како се одвивала потрагата и го опишаа моментот кога сфатиле дека се изгубила сета надеж.
Бродот исчезна на 18 јуни при обиколка на остатоците од „Титаник“ на 3.800 метри под површината на Атлантскиот Океан. Цената на експедицијата беше 250.000 долари од човек, а избезумената потрага по знаци на живот траеше четири дена.
Меѓу патниците беше Стоктон Раш, извршен директор на „Оушнгејт“. Заедно со Раш, беа таткото и синот Шахзад и Сулеман Давуд од Пакистан, кои живеат во Британија, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и францускиот пилот на подморница Пол-Анри Наргеолет.
Имаше надеж дека по некое чудо трупот на подморницата е недопрен и дека оние што се внатре сѐ уште се живи и чекаат помош. Но, кога тимот предводен од експертот за длабочините на морето, Џеси Дорен, конечно, ги доби резултатите, тие немаа добри вести. На речиси 500 метри од остатоците на „Титаник“, пронајден е „Титан“.
„Нашиот единствен фокус беше што побргу да стигнеме до нив. Немаше сомнеж, да беа таму, ќе ги најдевме. Цело време мислевме на нив и нивните семејства. Знаевме дека имаме само една шанса“, рече тој.
По неколкудневни напори за пребарување и спасување, спасувачката подморница „Одисеја“ стигна до дното на морето. Спасувачкиот тим потоа замолчел бидејќи знаел што пронашле.
„По пристигнувањето до подморницата, следуваше тишина“, се сеќава Ед Касано, директор на компанијата за истражување на длабочините на морето, Pelagic Research Services, која беше вклучена во спасувањето.
Подморницата претрпе катастрофална имплозија, односно насилен внатрешен колапс, заклучија американските власти. Сите пет лица починале веднаш.
„Сите тие се професионалци, но тоа влијаеше на нас. Ни требаше момент за навистина да разбереме и да размислиме што значи тоа“, додаде тој.
„Поминавме четири-пет дена во очекување да отидеме таму и да направиме чудо. Очигледно, нашето чувство на разочарување бледнее во споредба со чувствата на луѓето блиски до семејствата на загинатите“, вели Дорен.
Неколку дена подоцна, Ед Касано им се обрати на медиумите за да опише што се случило. Задушувајќи ги солзите, тој се извини и рече дека членовите на неговиот тим се справуваат со многу емоции.
Поминаа речиси три месеци од катастрофата, но сѐ уште има отворени прашања што се случило и зошто. Истрагата на канадскиот одбор за безбедност на транспортот продолжува. Водени се прелиминарни разговори и испитани се остатоци од подморницата.
Истрагата нема да ја доведе во прашање вината или одговорноста, кривична или граѓанска, туку се води со надеж дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори.