Утрински Весник
Македонија

Договорите во четири очи на ВМРО-ДПМНЕ може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарда евра за обесштетување на странските инвеститори

Договорите во четири очи на ВМРО-ДПМНЕ може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарда евра за обесштетување на странските инвеститори

Пет арбитражни постапки за прекршени договори за заштита на инвестиции може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарда евра, предупреди денес вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој од 2017 година е координатор за арбитражните постапки против државата. Активните пет арбитражи се за договори направени пред 2017 година. Последните две, поднесени ова лето, се однесуваат на стопираната изградба на шпанските скали на плоштадот Македонија во Скопје заедно со хотел и деловна зграда од албанската групација „Амадеус“ за која добиле известување пред една недела, а другата е иницирана од италијанската „ФЦЛ амбиенте“, на која ѝ беше раскинат договорот за партнерство во депонијата „Дрисла“.

dobivaj vesti na viber

„Овие два случаја кај јавноста предизвикаа навистина голем интерес во минатото и сите бевме запознаени во детали со постапките. Првиот е во судски процедури за кривични дела на вмешаните во постапките, а граѓаните беа јасно и гласно против двете донесени одлуки. Несовесното раководење, договорите во четири очи, негрижата за јавното добро и години владеење на ВМРО-ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани, место да бидат употребени за развојни проекти, сега ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси во меѓународните спорови“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој извести дека за групацијата „Амадеус“ за неизградените шпански скали во Скопје во овој момент бара обесштетување од 110 милиони американски долари, а Италијанците од „ФЦЛ амбиенте“ најавиле дека во постапката ќе се утврди износот на отштетата, која ќе ја побараат за раскинатиот договор за партнерство со Градот во „Дрисла“.

Детали за постапките не изнесе оти процесот е веќе почнат, но најави дека за сите новости ќе ја извести јавноста. Во овој момент рече дека најголем аргумент на нашата држава е тоа што граѓаните се тие што одбиваа такви договори и го оспоруваа начинот на потпишување, а понатаму ќе преземат правниците. Битиќи цени дека овие две постапки ќе траат две-три години. Тврди дека мора да се воспостави начин да се бара одговорност од потписниците на штетните договори.

„Јас цврсто стојам на ставот дека лична одговорност мора да има секој еден денар, кој евентуално не е добро искористен во оваа држава. Мора еднаш засекогаш да се знае дека никој не може да се крие зад колективната одговорност. Секој што потпишал штетен договор, кој може да ја чини државата, треба да сноси одговорност“, рече вицепремиерот Битиќи.

Доколку државата изгуби некој од споровите, Битиќи посочи дека на потег ќе биде Обвинителството, кое ќе ја добие целата документација од арбитражата и од обвинителите зависи дали и колку ќе одговараат лицата што склучувале штетни договори за државата.

Можете да прочитате

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје

Локалното новинарство во фокусот на осмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен