Утрински Весник
Македонија

МОН: Учебници ќе има и до 1 септември ќе бидат испорачани до училиштата, не се потребни невистини заради политички поени

Општина Гази Баба доделува стипендии на талентирани ученици и ученици спортисти

Наместо неосновани критики и ширење на дезинформации, Министерството за образование и наука ги повикува политичките субјекти кои сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем, да го сторат тоа преку конструктивни сугестии. Како институција, велат од таму, сме отворени за соработка со секој добронамерен општествен чинител кој мисли добро на државата и нејзината иднина.

dobivaj vesti na viber

„Во време кога се спроведува најкрупната образовна реформа во државата, преку Концепција која е резултат на инклузивен пристап со учество и согласност на сите засегнати страни, не е потребно креирање невистини само за да се создадат непотребни грижи кај учениците и семејствата на учениците, околу тоа дали институциите и образовните установи се подготвени за успешен почеток и тек на учебната година.

Веднаш да информираме дека учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава, Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември истите ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата. Истите се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати“, подвлекуваат од МОН.

По однос на интегрирањето предмети, појаснуваат од таму, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат на истиот е произлезен предметот природни науки, за кој досега никогаш немало реакции.

Интегрирањето на предмети , според надлежните во ова министерство, не предвидува укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично.

„Транспарентно, во многу наврати досега информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини. Важно е да се истакне дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење.

Големо олеснување за наставниците ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе пилотира во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата“.

МОН како што информираат, ќе продолжи да ја имплементира Концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички чинители, да го поткопаат процесот на реформирање.

„Две фази се веќе успешно спроведени, следи третата која ги опфаќа трето и шесто одделение, а следната година и останатите, погорни одделенија – седмо, осмо и деветто.

Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни чинители“, истакнуваат од ова министерство.

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност