Денеска околу 16.45 часот, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода 36-годишниот И.Ј., 36-годишниот Е.Д. и 37-годишниот М.Р., сите од село Студеничани, скопско, извести МВР.
– Околу 09.00 часот денеска тие побегнале од Казнено – поправната установа Затвор Идризово каде што биле на издржување казна затвор. Имено, по преземени мерки и активности, тројцата биле забележани во с.Долно Лисиче со патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, соопшти МВР.
Како што информира Министерството, тие на застанале на знак за запирање даден од полициските службеници и продолжиле со движење кон село Јурумлери, но набргу биле пресретнати и уапсени.
– Притоа, кај И.Ј. и Е.Д. биле пронајдени и одземени два ножа, велат од МВР.
И.Ј. бил осуден на вкупна казна затвор затвор од 11 години за сторени кривични дела по член 215, член 418-б и член 144 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување пет години и три месеци. Е.Д. бил осуден на казна затвор од седум години за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување 18 месеци од казната. Додека, М.Р бил осуден на казна затвор од осум години и три месеци за сторени кривични дела по член 215 и член 418-б од Кривичниот законик, а имал за доиздржување три години од казната, соопштува Министерството.
Тие ќе бидат спроведени во казнено – поправната установа за доиздржување на казната.