Поплаките од соседството се неоправдани, за казната дознавле од медиумите, станарите ќе треба да си ги затвораат прозорците за да не им смета и бучавата од моторите. Ова е ставот на менаџментот на казнетиот клуб „Интермецо“ во Капиштец, кој беше затворен, а сега парично казнет поради гласната музика. Оттаму за „Макфакс“ тврдат дека презеле мерки за да станарите од околните згради живеат поспокојно. Менаџментот е дециден дека инспекторите на Општина Центар не можат да утврди дека гласната музика доаѓа од нивниот локал.
„Не сметаме дека поплаките се оправдани, затоа што во истиот ред работат четири угостителски објекти во исто време и не постои прецизна можност фонметарот да ги раздвои или селектира звуците во точна насока кој од каде доаѓа за да може точно и да ја измери јачината. Ние за оваа санкција дознавме преку медиумите. До денес никој сѐ уште нѐ нема известено дека имаме санкција, ниту дека е мерено, ниту пак сме присуствувале на некое од мерењата во врска со оваа санкција, ниту пак сме добиле извештај од мерењата. Вистина е дека ова не е прва санкција за гласна музика, но ние мора да продолжиме да работиме поради нашите вработени пред сѐ и нивните семејства на кои ‘Intermezzo’ им е егзистенција. Секако дека ќе се потрудиме тоа да биде што е можно побезболно за станарите, како и тие би можеле да живеат поспокојно. За таа цел при реновирањето на објектот ги отстранивме сите звучници кои беа поставени во надворешниот дел, како што и му беше ветено на градоначалникот на општина Центар пред почеток на реновирањето“, велат од „Интермецо“ за „Макфакс“.
За бунтот од станарите кои пријавуваат во полиција оти не можат да спијат од гласната музика, посочуваат дека разговарале. За тврдењето од соседите кои за „Макфакс“ посочија дека им бил нуден попуст за да не се јавуваат во полиција, од „Интермецо“ се децидни: „Обид за спогодба никогаш сме немале“.
„Попуст нудиме на сите соседи во околината како гест за добрососедство исто како и гестот што доброволно ги исчистивме парковите околу нивните згради. Не ги молиме да не нѐ пријавуваат, ако ги надминуваме прописите слободно нека нѐ пријавуваат. Во меѓувреме ние нема да престанеме да бараме соодветно решение кое ќе биде во полза на двете страни, ние чесно да работиме а тие спокојно да живеат и мирно да спијат. Повеќе пати имавме обид да разговараме со станарите, ги повикувавме повеќе од триесетина пати да дојдат да се договориме за да го адаптираме звукот до нормално ниво, со што и тие ќе можат да спијат и ние ќе можеме да работиме. Но факт е дека и тие ќе треба да си ги затвораат прозорците, со отворени прозорци реално и сообраќајот на Народен Фронт и бучавата од моторите би им сметале“, додаваат од менаџментот.
За поплаките дека гостите од нивниот локал се паркираат непрописно, посочуваат дека внимаваат тоа да не се случува и алармираат.
„Дополнително на тоа пред влезот на карате клубот има закачено сирена (хорна) која алармира кога некој непрописно ќе се паркира пред влезната врата на клубот, и истата таа се вклучува во мерењето за што се уверија и инспекторите од општина Центар, кои кога дојдоа последниот пат да извршат мерење рекоа дека ќе преземат одредени дејствија за истата да биде отсранета“, додадоа од клубот.
„Макфакс“ објави дека бучавата во „Интермецо“ е стар проблем за жителите на Капиштец. За шест месеци, од јануари до јуни годинава, до полицијата стигнале 11 пријави. Општина Центар, по поплаки од граѓани, организира акција за мерење бучава. „Интермецо“ и „Мош“ се казнети по 13 илјади евра. Тие продолжуваат со работа.