Големите концерти и странските ѕвезди го наполнија Охрид, но ги налутија охриѓани. Лавина реакции има откога вчера ечеше турбофолк-музика од шест часот попладнето до два часот по полноќ. Охриѓани коментираат дека се слушало и на три километри од стадионот „Билјанини Извори“, каде што имаше концерт на Девито, Јала Брат и Бубо Корели. Пред почетокот на концертот се пушташе музика – од Цеца и Северина до стари српски хитови, измиксани со тонови од познати светски хитови. Освен за гласноста, бурно се реагира и за стилот на музиката што го окупира градот.
„Охрид последниве 3 дена ечи од autotune-рапери помешано со ‘шабанарија’. Музика до 2 сабајле, шо се слуша на 2 км воздушна линија. На какво ниво ни спадна музичкиот репертоар, катастрофа“, пишува твитерџија.
Охрид последниве 3 дена ечи од autotune рапери помешано со шабанарија. Музика до 2 сабајле, шо се слуша на 2км воздушна линија. На какво ниво ни спадна музичкиот репертоар, катастрофа.
— ¯_(ツ)_/¯ (@spiritBreaker__) July 30, 2023
„Кој ли е овој ајван што вечерва вреска од стадионон ‘Билјанини’ во Охрид?!“, прашува друг твитерџија.
кој ли е овој ајван шо вечерва вреска од стадионон Билјанини во Охрид?!
— Густав Охридски (@Nopak_od_Varosh) July 30, 2023
Гласниот турбофолк, кој се слушаше од пробите до завршување на концертот, донесе и досетки, но и иронија.
„Да му се јавиме на Стојанче Ангелов на 112 да нѐ евакуират ак не?!“, праша охриѓанецот Иљче Затаракоски, познат во јавноста по својата сатира, па во коментари додаде: „Стојанче Ангелов, криза во Охрид. Или нека намалет музика или пуштајте хеликоптери“.
На ова одговори директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Почитувани, екипата за евакуација не е достапна во моментот. Ве молиме, бирајте подоцна. Дотогаш ако гласната музика не можете да ја победите – придружете ѝ се, заиграјте, а може и да запеете“, напиша Ангелов во коментари.
Ова не се единствените коментари од охриѓани, но и од туристи, кои деновиве ги поминуваат во туристичкиот центар. Се посочува и дека гласната музика ќе се издржи ако стилот не е турбофолк.
Во Охрид, изминативе, но и во деновите што следуваат, концерти ќе одржат многубројни светски ѕвезди, меѓу кои се и српски пејачи.