Аца Пејовиќ одржа уште еден концерт во Охрид кој кулминираше откако ја отпеа „Македонско девојче“. Дел од публиката се фати за оро, додека другите пееа во еден глас со него. Не изостанаа баладите на пејачот, додека концертот го започна со песната „За Љиљана“.
„Ве љубам, ајде да правиме журка“, рече Пејовиќ. Во публиката се слушаа коментари дека српската легенда е како дома, бидејќи во Македонија го има во секое годишно време барем по еднаш.
Од душа ја отпеа „Да си ту бар ночи ове“ па и рече на публиката: „Браво, секоја чест, прекрасни сте“. Следеше „Све ти дајем, све је твоје“, па ја разнежи публиката до неговата ултра популарна балада, „Конобар не жури“.
Публиката беше воодушевена од него, но и тој од присутните фанови. Тие кои не купија карта на време, најдоа начин да го следат концертот од надвор, зад оградата. Имаше обиди и да се прескокнат решетките, но, обезбедувањето беше побрзо во реакцијата од момчето кое сакаше да влезе.
„Знам дека ја сакате оваа“, рече Пејовиќ и ја запеа: „Поноч је“ по што следеше и колективен тран.
На репертоарот беа и старите хитови, омилени на повозрасната публика. Аплаузи и овации од сите што беа на Охридскиот стадион. Под сините рефлектори, Пејовиќ праша: „Еднаш се живее зар не?“, па згрме со истоимената песна.
Концертот беше во организација на „Балкан медиа“. Вечерва, „Прагма“ го носи Пол Ван Дајк, а утре, настапауваат „Рибја чорба“.