Последните зборови на пациентите на смртната постела веројатно ќе останат засекогаш запаметени од членовите на нивното семејство и медицинскиот персонал кој е со нив во тие последни моменти.
Некогаш смешни, често тажни и повремено шокантни, последните зборови на луѓето кои умираат ги споделија медицинските сестри и нивните роднини на „Редит“.
Многумина раскажаа длабоки, утешни, па дури и катарзични исповеди на смртната постела – но има и бизарни.
Корисничка пишува: „Кога работев во итната медицинска помош, стигнавме кај стар човек кој веќе беше мртов. Бил на одмор со сопругата и двете возрасни деца. Изгледа тоа утро му кажал на своето семејство: ‘Јас ќе умрaм денес’. Откако колабирал, накратко се разбудил и рекол: „Гледате? Ви реков дека ќе умрам“, пред повторно да се онесвести“.
Додава дека неговиот син почнал да плаче и рекол: „Тоа е тато. Тој секогаш мораше да биде во право“.
Медицинска сестра ја раскажа приказната за смртта на нејзиниот пациент.
Таа очигледно била омилената медицинска сестра на пациентот и непосредно пред да умре, жената се свртела кон неа и ѝ рекла: „Навистина си малку мрзлива“.
На „Редит“ споделено беше уште едно искуство: „Непосредно пред да умре баба ми, нејзиниот пулс се искачи на 220. Кога мониторот почна да пишти, таа извика: „Дали сега ќе престанам да дишам?!“
Вработена во старечки дом била во непријатна ситуација кога нејзината омилена пациентка итно ја повикала во својата соба за да и каже тајна за нејзиниот одамна мртов сопруг, кого го мразела.
Вработената раскажа: „Таа ме фати за рака, ме повлече кон себе и ми шепна дека нејзиниот сопруг и неговите пријатели убиле жена и се извлекле. Тие биле на брод и изјавиле дека жената се удавила, но таа знаела оти тоа не е вистина“.
Млада медицинска сестра вели дека почувствувала треперење на кичмата додека жената продолжила: „Таа била млада, убава жена како тебе! Мора да внимаваш! Не кажувај никому, тие ќе не фатат двете, но јас сакав да те предупредам“.
Друг корисник сподели приказна за времето кога работел како нутриционист во старечки дом.
Тој имал 16 години додека работел таму и рекол дека се спријателил со човек кој зборувал за Втората светска војна пред да доживее мозочен удар.
„Кога се врати од болница не можеше да се сети на никој освен мене и ми кажа дека не се чувствува добро. Знаеше дека неговото време завршува. Рече дека е време да плати за сите страшни работи што ги направил во Европа“ рече тој.
Кога се обидел да го натера човекот да легне, тој одговорил: „Знам каде одам. Има само едно место за луѓе кои го направиле тоа што јас го направив…Убив толку многу луѓе. Најчесто не беше важно кој е. Има само едно место за мене. Тоа е она што го заслужувам“.
Многумина велат дека моментите пред смртта носат чувство на збунетост, а тоа важело и за бабата на еден корисник.
„Таа страдаше од тешка деменција со години. Ги отвори очите и рече дека го нашла Џек. Џек беше мојот дедо кој почина пред осум години. Таа рече дека биле на бал со пријателите. Потоа ми кажа: ‘Јас мора да одам, ме замоли да танцуваме’. Потоа таа почина“.