Опкружен со фанови од целиот свет кои сакаа да го слушнат и видат својот идол на неговиот проштален концерт, по половина век настапи, сер Елтон Џон во саботата вечерта ја воодушеви публиката во Стокхолм и рече збогум.
Британецот ја започна прошталната турнеја во 2018 година, а ја заврши пет години подоцна, во Стокхолм. Концертот го отвори со Bennie and the Jets, една од неговите најпопуларни песни.
На последниот настап беа изведени 23 хитови од различни периоди од неговата долга кариера, меѓу кои Rocket Man, Tiny Dancer, I Guess That’s Why They Call It the Blues и Philadelphia Freedom. Три пати излезе на бис за Cold Heart, Your Song и Goodbye Yellow Brick Road.
„Настапувањето за вас беше мојата причина да живеам и вие бевте апсолутно брилијантни. Вечерва беше волшебно. Не можам да ви кажам колку ќе ми недостигате и, колку вашата поддршка ме направи понизен. Тоа ќе остане со мене засекогаш,“ рече 76-годишниот музичар.
Кога започна песната I’m still standing, околу 30.000 гледачи во „Теле2“ арената станаа на нозе.
На концертот, Елтон ѝ оддаде почит на Арета Френклин со тактови на Border Song.
Во текот на петгодишната турнеја, прекината поради Ковид-19, неговите настапи ги следеа 6.25 милиони луѓе.