Иднината на Украина е во Европската унија и НАТО, изјави денеска чешкиот премиер, Петр Фиала, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски отпатува за Прага придружуван од два чешки борбени авиони по посетата на Бугарија, со намера да собере поддршка за Украина да добие покана за почеток на пристапниот процес на самитот на НАТО следната недела во Вилнус.
Сојузниците на Киев се поделени околу прашањето кога Украина треба да се приклучи кон НАТО, а некои европски влади се загрижени за каков било потег што ќе го доближи тој воен пакт до војна со Русија.
„Не знаеме кога ќе заврши војната, но сега знаеме дека мора да ја отвориме вратата на Европската унија и НАТО на храбриот украински народ“, рече Фиала.
Зеленски кажа дека Украина треба да направи се’ што е можно за да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Во однос на НАТО, Зеленски рече дека формулацијата прифатена на самитот на НАТО во 2008 година не е доволна – дека вратата на воената алијанса е „отворена“ и дека Украина на крајот ќе стане нејзина членка.
„Ќе ни треба некаков сигнал, јасен, дека Украина ќе биде во алијансата. Не дека вратата е отворена – тоа не е доволно“, рече тој одговарајќи на новинарски прашања. Тој, исто така, повтори дека на Украина и треба оружје со долг дострел од САД.
„Без оружје со долг дострел не само што е тешко да се изврши офанзива, туку е тешко да се изведат и одбранбени операции“, рече Зеленски. Фиала рече дека во интерес на Чешка е Украина, штом ќе заврши војната, да ги започне преговорите за влез во НАТО, бидејќи тоа е „и во интерес на нашата безбедност, регионална стабилност и економски напредок“.