Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој во голема мера е одговорен за завршувањето на војната во Косово пред повеќе од две децении, вчера и порача на косовската влада да ги прекине акциите на северот. Тензиите на северот на Косово, каде Србите се мнозинство, се разгореа во последните неколку месеци, пишува Ројтерс.
Северно Косово, дом на 50.000 етнички Срби, неодамна ги доживеа најтешките тензии откако Приштина прогласи независност од Србија во 2008 година. Насилството избувна кон крајот на мај кога градоначалниците, етнички Албанци, ја презедоа функцијата по локалните избори на кои излезноста беше само 3,5 отсто бидејќи Србите го бојкотираа гласањето.
Во судирите со српските демонстранти беа повредени околу триесет мировници на НАТО кои бранеа три градски собранија на северот на Косово.
„Лесно е за Албанците кои сега се мнозинство да се обидат да го искористат моментот за да поентираат. Но, вистинската работа што треба да направиме е да ги запреме овие глупости“, рече Клинтон за време на церемонијата во Тирана, каде што доби медал од премиерот Еди Рама.