Шеесет и шестгодишната Ленче Јованова е жената што трагично загина кога ја прегази багерист во Скопје.
Таа беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музејот на град Скопје.
На фејсбук-страницата на МАД велат дека со големо неверување на примиле веста дека нивната колешка трагично го загубила животот.
„Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музејот на град Скопје. Таа остави длабока и неизбришлива трага во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на многубројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографските изданија ‘Скупи – Colonia Flavia Scupinorum’; ‘Скупи – некрополи: стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва’; ‘Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум’. Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец, кој со огромна посветеност го промовира македонското културно наследство во земјата и светот“, пишува во објавата на фејсбук-страницата на МАД.
Од Обвинителството информираа дека 42-годишниот багерист, завчера, на улицата Јордан Мијалков, на обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена пешак, која од ударот добила тешки телесни повреди и починала.
ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето за кое постои основано сомнение дека сторило тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.