Во критична состојба се наоѓа триесет и деветгодишната жена, која паднала од први кат на скопската Клиника за Гинекологија. Станува збор за трудница која била породена, а неколку минути откако станала мајка и го родила своето бебе паднала од први кат на скопската Клиника за Гинекологија.
Пациентката на клиниката била донесена во 36-та недела од бременоста а била породена за кратко време и родила здраво машко дете.
Според последните информации еден ден пред да си оди таа потпишала дека не сака да го дои бебето.
Повредената пациентка била итно пренесена на КАРИЛ, на Одделот за неврохирургија, каде и била извршена итна операција, но лекарите не ја знаат точната причина за случајот.
„Пациентка на 39-годишна возраст од Скопје примена е на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје на ден 28.06. во 21.16 часот заради крвавење во последниот триместар од бременоста (36 гестациска недела). Пациентката веднаш е прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба којашто витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција. Пациентката е уредно следена на одделот за породени жени – Пуерпериум, согласно медицинските стандарди и протоколи. Во петокот, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена согласно дадените препораки. Следниот ден, пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус. Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, е наведено во соопштението.