Нетрпеливоста и навредите кулминираат со насилство. Сообраќајните недоразбирање завршуваат со физичка пресметка. Се’ повеќе вакви случаи ги полнат полициските билтени, а само вчера на три локации во државата биле регистрирани три тепачки, и тоа, во истиот период од денот.
Според информациите од полицијата, во 18.05 часот во Кисела Вода е пријавено дека по претходно недоразбирање околу паркинг место бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.З.(31) и М.Ш.(56), двајцата од Скопје.
Вчера во 18.00 часот во Полициска станица Кочани е пријавено дека во овој град, по претходна расправија околу сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.Н.(86) и М.А.(25), двајцата од Кочани.
Во 18 часот поради сообраќајно недоразбирање имало тепачка и во Гостивар, помеѓу четири лица.
„На 01.07.2023 во 18.00 часот во Гостивар од полициски службеници од Полициска станица Гостивар приведени се В.Ѓ.(47), И.Ѓ.(45) и Д.И.(63) сите од Гостивар затоа што според пријавеното околу 17.25 часот во Гостивар поради недоразбирање во сообраќајот го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка“, велат од МВР.
Полицијата работи на расчистување на случаите.