Утрински Весник
Економија

Отвореното банкарство отклучува нови можности за полесни и поефикасни плаќања

Отвореното банкарство отклучува нови можности за полесни и поефикасни плаќања

Отвореното банкарство во функција на отклучување на можностите за иднината на финансиските услуги, е темата која беше во фокусот на дискусиите на вториот ден од 15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, која во изминатите два дена во организација на Народната банка и Банката на Холандија, се одвиваше во Охрид.

dobivaj vesti na viber

Отвореното банкарство создава услови за влезот на финтек-компании коишто, со согласност на клиентите на банките, ќе може да пристапуваат до нивните платежни сметки заради иницирање електронски плаќања и собирање податоци за извршените трансакции, коишто би служеле за натамошна анализа и сеопфатно и едноставно информирање на клиентите. Со Законот за платежни услуги и платни системи се овозможи платежните услуги засновани врз отвореното банкарство да се ползуваат и кај нас.

Искуствата од странските земји со технолошки напредните апликации понудени од финтек-секторот го означија отвореното банкарство како придобивка за клиентите при извршување и следење на плаќањата, но и за унапредување на услугата на банките кон клиентите. Модераторот на панел-дискусијата, Јан Вермулен од централната банка на Белгија, истакна дека отвореното банкарство придонесе за зголемување на нивоата на безбедност во платежниот екосистем и конкуренцијата, но нагласи и дека се потребни сложени технички решенија за да се примени, коишто ќе дозволат целосен влез на новите учесници во финтек-секторот да биде само делумен. Сепак, како што беше истакнато, понатаму се очекуваат дополнителни придобивки, како од отвореното банкарство, така и од отворените финансии.

Во своите заклучни белешки, вицегувернерката Емилија Нацевска се осврна на темите дискутирани на 15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, како и на значењето на самата конференција како платформа за размена на знаење низ годините и придобивките за финансискиот пејзаж во земјата и пошироко, неговата поголема интеграција, ефикасност и респонзивност на примената на новите технологии. Притоа, Нацевска истакна дека интеграцијата на Регионот на Западен Балкан во ЕУ, вклучително и усогласувањето со стандардите на Единствената европска платежна област ̶ СЕПА, е од клучно значење за усогласувањето на платниот систем во земјата, како и за пораст на прекуграничните трансакции и економскиот раст на земјата. Преку соработка, подвлече вицегувернерката, имаме моќ да постигнеме извонредни резултати во обликувањето на иднината на плаќањата и пазарните инфраструктури.

„Во текот на оваа конференција можевме да ја видиме моќта на размената на знаење и соработката. Споделените сознанија, соработката и новите идеи, несомнено, го поплочија патот кон напредокот во плаќањата и пазарната инфраструктура. Наша колективна одговорност е да обезбедиме овие дискусии да продолжат и по Конференцијата, до конкретни активности и резултати“, посочи вицегувернерката Нацевска.

Во изминатите петнаесет години Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, прерасна во препознаена традиција, која во регионот и пошироко се истакна како водечки настан во оваа сфера.

Можете да прочитате

Повторно раст на цените на нафтата

WIZZ AIR најавува отворен ден за пилоти за својата база во Скопје

Божиновска: Историска енергетска конекција – Македонија и Албанија ја заокружуваат енергетската мапа со 400 kV далекувод