Американскиот претседател Џо Бајден повторно згреши и во обраќањето пред новинарите рече дека рускиот лидер Владимир Путин „ја губи војната во Ирак“ мислејќи на Украина.
Говорејќи пред новинарите непосредно пред да ја напушти Белата куќа на пат за Чикаго, Бајден одговори на прашањето дали Путин е ослабен од краткиот бунт на приватната компанија „Вагнер“.
„Тешко е да се каже, но јасно е дека тој ја губи војната во Ирак и дома“, рече Бајден.
🇺🇸 Joe Biden accidentally told reporters that Vladimir Putin was ‘losing the war in Iraq’ pic.twitter.com/aNMC044L7p
— The Telegraph (@Telegraph) June 29, 2023
Гафовите, како што пренесуваат медиумите во светот, не се невообичаени за осумдесетгодишниот американски претседател.
Бајден ја направи истата грешка за време на приемот на кампањата во Мериленд во вторникот вечерта нарекувајќи ја Украина – Ирак.
„Да ви кажеше некој – а и мојот персонал не беше толку сигурен, дека ќе успееме да ја собереме цела Европа во напад врз Ирак и да го принудиме НАТО да биде целосно обединет, мислам дека ќе ви кажеше дека тоа е малку веројатно. Единственото нешто на што сметаше Путин е дека ќе успее да го подели НАТО“, рече Бајден.
Во вторникот вечерта во Мериленд, Бајден направи гаф и за време на посетата на индискиот премиер Нарендра Моди, кој минатата недела беше во Белата куќа.
„Веројатно сте го виделе мојот нов најдобар пријател, премиерот на една мала земја, која сега е најголема во светот, Кина – мислам, извинете, Индија“, рече Бајден.