Амандманите за уставните измени заглавија во Владата. Две недели откако премиерот Димитар Ковачевски посочи дека тие не се доставени бидејќи се подготвуваат, сега посочува дека не треба да се брза. Дали се подготвени – не даде конкретен одговор. Објасни дека за овој процес треба да има широка дебата.
„Тоа не е процес што треба да се брза. Тоа е процес што треба да помине една широка општествена дебата. Затоа со министерот за правда и со министерот за евроинтеграции имавме средби со невладини организации. Имав средба и со политичките партии, меѓу кои и со Христијан Мицкоски, кои прифатија уставни измени. Затоа сметам дека треба да се даде простор за тој процес кај нив да се усогласи и да се приклучат кон процесот на уставните измени“, рече Ковачевски.
Ја коментира и посетата на Мицкоски на Брисел, од каде што лидерот на опозицијата посочи дека нема да поддржат уставни измени.
„Мицкоски беше во Брисел и гледам дека планот што го изложуваше веќе го нема. И дека сега зборуваат каков план ќе направеле кога тие ќе дошле. На граѓаните им требаат политичари со решенија, а не политичари што блокираат. И затоа сметам дека опозицијата треба да се вклучи во овој процес. Ова не е процес на еден човек, туку широк процес“, посочи Ковачевски.
Со доставување на амандманите во Собранието почнуваат да течат роковите за отворање на Уставот и спроведување на измените.