Наставничка во Италија која 20 години избегнувала работа, а кога ќе се појавила на училиште, ги игнорирала учениците и праќала СМС пораки, измислувала часови и позајмувала учебници од деца, сега е прогласена за најлоша вработена во земјата, пишува „The Times“.
Синзија Паолина Де Лио користела боледување, годишен одмор и присуство на конференции за да избегне предавања, а Врховниот суд ја опишал како трајно и апсолутно неподобна за таа работа.
Де Лио, која требало да предава литература и филозофија во гимназија во близина на Венеција, им го привлекла вниманието на училишните инспектори за време на едно од нејзините ретки појавувања на работа. Забележале дека лекциите и се збркани и дека импровизира.
Студентите штрајкувале откако таа праќала пораки за време на испитите и делела оценки кои немаат врска со напорна работа. Позајмувала учебници од деца затоа што заборавиала да си донесе.
Де Лио беше отпуштена од училиштето, но судот одлучи дека таа мора да биде вратена на работа. Меѓутоа, судот подоцна ја променил својата одлука, откако утврдил дека наставничката била присутна на часови само четири од претходните 24 години.
Нејзиното разрешување потоа мораше да биде потврдено од Врховниот суд, пренесува медиумот.
Во 2021 година, сличен случај излезе на виделина кога наставник по математика од Сицилија земал дури 769 дена одмор за здравствено и родителско отсуство за три години, а всушност го искористил тоа време работејќи како консултант.
Според написите, има и случај на лекар од Сицилија, кој за девет години работел само 15 дена, а тоа го постигнал со комбинирање на боледување и разни курсеви.
Новинарите ја контактирале наставничката Де Лио за коментар, но таа не можела да зборува, бидејќи била на плажа, пренесува медиумот.