Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, и еден од најдобрите стрелци во историјата на ракометната игра, е избран во „Куќата на славните“ на ЕХФ. На денешната церемонија во Виена им беше оддадена почит на најдобрите ракометни имиња во изминатите три децении, а заедно со Кирил Лазаров лауреати се и Ласло Наѓ и Даниел Нарсис.
Но, поради голем превид на организарите, Лазаров, Наѓ и Нарсис останаа без статуетки кои што ЕХФ ги доделуваше на наградените на сцената. Едноставно, во тој момент снема награди, па водителот на манифестацијата се најде во небрано и мораше да се извини и да ги увери сите присутни дека лично ќе се погрижи наградите да стигнат кај легендарните ракометари во најбрзо можен рок.
Кирил Лазаров, кој сега е селектор на ракометната репрезентација на Македонија, на свеченоста во Виена беше присутен заедно со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.