Воопшто не ми е лесно и имам огромна одговорност , вели професорот Михаил Гаревски во интервју за „Макфакс“, околу активностите поврзани со опожарениот мост „Беласица“.
Од него, како што појаснува се очекува експертизата, за која најави дека ќе биде готова од понеделник до среда наредната недела. На прашањето зошто се нафатил на ваквиот предизвик и како се справува со критиките од неговата фела Гаревски ќе рече:
„Многу сум оптеретен, особено што сите други чекаат и коментираат, еве го овој не знае и не е сериозен. Не сакам никого да критикувам но има професори на Градежниот факлутет кои исклучително ги ценам. Но никој од колегите никогаш не кажа кои се тие универзитети и лаборатории што би ги контактирале и која е таа техника што би ја примениле за да ги испитаат силите во каблите на мостот“.
Свесен е за критиките и за тоа дека многумина ќе го направат човек кој не знае и кој би можел да го внесе народот во катастрофа, но потенцира дека е сериозен и одговорен и дека експертизата ќе ја приложи врз основа на стандардните експертизи направени во светот.
Гаревски не тезгари, подвлекува професорот во интервјуто.
„Колегите од државните институции, тие се платени од државата да тераат наука, но тие тезгарат. Јас не тезгарам“, дециден е Гаревски.
Надвор од темата за мостот „Беласица“, појаснува дека обилните дождови и поплавите не се причина за земјотреси.
Го повтори неговиот став дека поплавите не влијаат на земјотресите. И не верува дека во наредните два до три месеци би се случил некаков земјотрес во регионот што би бил со магнитуда поголема од четири степени.
Поопширно за состојбата на мостот „Беласица“, датумот кога тој би можел да биде пуштен повторно во употреба и слично, во интервју за „Макфакс“ со Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.