Ивршниот директор на „Oceangate“, Стоктон Раш, чија подморница „Титан“ исчезна за време на експедиција до потонатиот брод Титаник, во поранешно интервју изјавил дека експертиза не е потребна, затоа што секој може да управува подморница со конзола за видео игри од 30 долари, пишуваат светските медиуми.
Во интервјуто тој вели дека одбил да вработи „50-годишни бели момци“ со воена експертиза во компанијата, бидејќи тие не се инспиративни.
Медиумите сега откриваат дека компанијата одбила да го подложи „Титан“ на независно тестирање и отпуштила директор кој барал поригорозни безбедносни тестови.
Во интервју за „Теледин Марин“, Раш ја отфрла стручноста на поранешните воени лица стручни за подморници.
„Во повеќето компании ќе видите вработени господа кои се поранешни воени лица стручни за подморници, ќе видите цел куп белци од 50 години. Сакав нашиот тим да биде помлад, да биде инспиративен и нема да инспирирам 16-годишник да се занимава со морска технологија, туку 25-годишник. Така, навистина се обидовме да вклучиме многу интелигентни, мотивирани, помлади поединци затоа што правиме работи што се сосема нови“, вели тој и додава:
„Ние преземаме пристапи кои најчесто се користат во воздушната индустрија, можеме да ги обучуваме луѓето да управуваат со подморница, користиме конзола за игри, така што секој може да управува со подморница“.
Во интервју дадено на крајот на минатата година, Раш постојано вели дека истражувачите на „Титан“ ќе бидат безбедни и ќе го имаат кислородот неопходен за опстанок.
„Мислам дека не е многу опасно. Ако ги погледнете подводните активности во последните три децении, немало поголема повреда, а камоли фатална“, изјави Раш за „CBS News“.
„Она што ме загрижува не е кога си под вода. Она што ме загрижува е кога влегуваме, кога пливаме надвор, кога сте на бродот во ледена состојба со големи врати што можат да ви ги скршат рацете и луѓе кои можеби немаат најдобра рамнотежа, паѓаат и удираат со главите. Тоа, за мене, е опасниот дел“, додава тој.
Во меѓувреме, „Дејли Мејл“ откри дека „Океангејт“ одбил да изврши независна проверка на „Титан“, па дури и отпуштил директор кој изразил загриженост за неговата безбедност.
Во блог со наслов „Зошто е Титан некласифициран?“, „Океангејт“ сугерира дека класификацијата ќе трае премногу долго.
Исто така, компанијата сугерира дека нејзините сопствени безбедносни протоколи се доволни.
Шефовите на компанијата, исто така, го отпуштија Дејвид Локриџ, чија улога вклучуваше надгледување на безбедноста на проектот „Титан“, откако тој го повика „Океангејт“ да побара класификација, според „Дејли мејл“.
„Дејли мејл“ пишува дека и лидерите во индустријата за подморници, испратиле писмо во кое го повикуваат Раш да биде внимателен.
Во писмото, до кое дојде “„Њујорк тајмс“, се предупредува дека сегашниот експериментален пристап на компанијата може да доведе до проблеми, од мали до катастрофални последици.