Директорувањето на Стефан Богоев во Царинска управа ќе започне со протест на вработените кои бараат додаток од 30 отсто, кој им бил ветен со колективниот договор. Сојузот на синдикати посочи дека не го интересира дали има промени во менаџментот, тие од барањето нема да се откажат. Протестите може да се радикализираат, најавија оттаму.
„Како што најавивме дека ќе имаме жешка синдикално лето, во петок од 12 имаме протест во Царинската управа. Вработените во Царинска управа иако години наназад имаат право на додаток од 30 отсто, тие тој не го добиваат. Тие обезбедија 30 отсто покачување на плата во Министерство во финансии, во други институции не добиваат. Ќе направиме предупредувачки протест, за вработените во Царинска управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 50 отсто. Знаеме дека има нов директор, чекаме прием, да видиме дали ќе не сослуша. Не се откажуваме од барањето. Не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, посочи Сојузот на синдикати.
Не се исклучува бунтот да се радикализира.
„Ќе се радикализираат и протестите, размислуваме за затворање на гранични премини“, посочија од Сојузот на синдикати.
Вработените во Царинска управа се само едни од низата кои си ги бараат ветените додатоци.