Земјите од Отворен Балкан денеска заедно го промовираа најголемиот регионален саем за вино „Винската визија на Отворен Балкан”. Премиерот Димитар Ковачевски во присуство на претставници на Владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, земјите членки на Отворен Балкан, денеска во Скопје, се обрати на промоцијата на најголемиот регионален саем за вино и успешна винска приказна „Винската визија на Отворен Балкан”.
Минатата година, во рамките на Отворен Балкан виното беше промовирано како најзначаен производ на регионот, што беше потврдено на првиот вински саем „Винската визија на Отворен Балкан“, кој го имаше своето прво издание минатата година во Белград и предизвика огромно медиумско внимание. Во насока на јакнење на потенцијалот на овој заеднички вински саем, во периодот до неговото второ издание оваа есен, земјите членки организираат промоции на саемот низ регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека, земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно, и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем, „Винска визија на Отворен Балкан“ кој што прерастува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.
„Она што е резултат на Отворен Балкан сега веќе се гледа и низ бројки. Размената и трговијата помеѓу трите држави е зголемена за 25 проценти. Размената со Србија надмина 1.1 милијарда евра што е најголемо ниво во последните 17 години. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Воведовме зелени ленти за транспортерите за нашите три држави да не чекаат на границите. Воведуваме системи за електронска идентификација со која што работниците ќе можат слободно да се движат помеѓу нашите три држави. И практично ги спроведуваме трите слободи на ЕУ, тука кај нас, на Балканот така како што доликува. Ќе го повторам уште еднаш она што го кажав во Италија и што го кажав и пред тоа дека нашите држави се братски држави. Нашите граѓани заслужуваат да комуницираат помеѓу себе слободно. На нашите граѓани на трите држави не им требаат граници како што не им требаат граници на земјите од ЕУ, и затоа јас секогаш ќе бидам посветен на зголемувањето на соработката, на зголемувањето на комуникацијата, трговијата, зголемувањето на инвестициите во сите три држави бидејќи тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат“, рече Ковачевски.
Топло добредојде на делегациите од Србија и Албанија им посака и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
„Визијата која ја имавме пред неколку години, за тоа како треба да функционира Балканот, денес е наша успешна приказна. Регионот е обединет, со отворени граници со зголемена економска соработка и уште многу бенефиции за граѓаните од сите три земји членки на Отворен Балкан. Ако тргнеме од познатата изрека дека „Во виното е вистината“, ова е нашата вистина, сплотен, убав, прекрасен Балкан. Секогаш отворен и гостопримлив. Сите се добредојдени. Заедно да го славиме животот под ова сонце. Да уживаме во врвните вина и храната со единствен балкански вкус, по која сме препознатливи во светот. Да си ја чуваме традицијата и сите богатства со кои великодушно не обдарила природата. Ние сме генерација на политичари кои носат храбри одлуки. По тоа ќе бидеме запаметени, како генерација која ги отворила границите и создала иднина за целиот регион“, посочи министерот Николовски.
На настанот свои обраќања имаат и министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Јелена Танасковиќ, како и заменик-министер за земјоделство на Албанија, Ариан Јауплари, кои дадоа силна поддршка на промоцијата на „Винската визија на Отворен Балкан”.
На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори на трите земји, претставници на институции, бизнис заедницата и социо-економските партнери на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.