Утрински Весник
Македонија

Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

„Скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика врз основа на што ќе ги добиеме извештаите од скринингот и патоказот за отворање на поглавјата. Паралелно со тој процес , се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот“.

dobivaj vesti na viber

Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, министерот за надворешни работи, Бујар Османи зборува за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.

Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, вели Османи во интервјуто во однос на односите со Бугарија и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.

Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.

„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, вели Османи.

Северна Македонија, делумно со тоа што толку долго беше на овој пат кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.

„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“, вели Османи во интервјуто за „Франц 24“.

Можете да прочитате

Претпладне магливо по одделни котлини, попладне сончево со умерена локална облачност

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија