„Ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција го поддржавме замрзнувањето на цените бидејќи тоа беше еден момент многу тежок за граѓаните со огромно високо ниво на стапка на инфлација. А, она кое што го добив како вест е токму она што вие го кажувате, а тоа е дека се одмрзнуваат претходно замрзнатите цени што значи дека сега пазарот ќе ја утврдува цената, односно пазарот е тој кој што ќе ја диктира цената. Стравувам од можни последици во делот на инфлацијата и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група во Парламентот ќе предложиме законски измени во два дела“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од општина Конче.
Мицкоски додаде дека првиот дел е повторно враќање на данокот на додадена вредност за електричната енергија на 5%, бидејќи Фатмир Битиќи веќе најавува дека ќе се враќа онаа стапка од 18%.
„Исто така ќе предложиме намалување на стапката на данокот на додадена вредност за основните прехранбени производи“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека влада која вистински се грижи за своите граѓани ќе скрати од своите луксузирања од бесрамното трошење и криминалното трошење на народните пари во тендери во четири очи. И на тој начин ќе помогне да се зачува и онака кревкиот стандард на граѓаните.