Утрински Весник
Свет

Украина најави голема контраофанзива: „Готови сме, би можеле да почнеме уште утре“

Украина најави голема контраофанзива: „Готови сме, би можеле да почнеме уште утре“

Украина е подготвена да ја почне својата долгоочекувана контраофанзива, изјави за „Би-Би-Си“ еден од највисоките безбедносни функционери во земјата.

dobivaj vesti na viber

Олексеј Данилов не сакаше да даде точен датум, но рече дека нападот за враќање на териториите од, како што вели, окупаторските сили на претседателот Владимир Путин би можел да започне „утре, задутре или за една недела“. Тој предупреди дека украинската влада нема право да погреши во врска со одлуката бидејќи ова е историска можност што не можат да ја изгубат.

Како секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Данилов е во центарот на воениот кабинет на претседателот Володимир Зеленски. Неговото интервју за Би-Би-Си беше прекинато со телефонски повик од Зеленски, кој го покани на состанок за да разговараат за контраофанзивата.

За време на интервјуто, Данилов потврди дека некои од платеничките сили на Вагнер се повлекуваат од градот Бахмут, местото на најкрвавата битка во војната досега – но додаде дека тие се прегрупираат на три други локации.

Данилов, исто така, рече дека е „апсолутно смирен“ поради тоа што Русија почнала да распоредува нуклеарно оружје во Белорусија, велејќи: „Тоа не е новост за нас“, вели тој.

Украина со месеци планираше контраофанзива, но сакаше што е можно повеќе време да ги обучи војниците и да добие воена опрема од западните сојузници. Во меѓувреме, руските сили ја подготвуваа својата одбрана. Владата во Киев треба да му покаже на народот на Украина, но и на западните сојузници, дека може да ги пробие руските линии, да стави крај на воениот ќор-сокак и да преземе дел од нејзината територија.

Данилов за Би-Би-Си изјави дека вооружените сили ќе почнат напад кога командантите ќе пресметаат дека украинските сили можат да постигнат најдобар резултат. Запрашан дали украинските вооружени сили се подготвени за офанзива, тој одговори:

„Ние сме подготвени. Исто како што бевме подготвени да ја браниме нашата земја во секое време. И тоа не е прашање на време. Мораме да разбереме дека не можеме да ја изгубиме оваа историска можност што ни е дадена, за вистински да станеме независна, голема европска земја“.

„Тоа може да се случи утре, задутре или за една недела. Би било чудно да ги наведам датумите на почетокот на тој настан. Не можам да го сторам тоа… Имаме многу одговорна задача пред нашата земја.И разбираме дека немаме право на грешка“, додаде Данилов.

Тој ги отфрли тврдењата дека веќе започнала контраофанзива, велејќи дека „рушењето на руските контролни центри и руската воена опрема“ е задача на украинските вооружени сили од 24 февруари минатата година.

„Немаме слободни денови во оваа војна“, рече тој.

Тој зборуваше и за Бахмут и ја бранеше одлуката на украинската армија да не се повлекува од градот со месеци.

„Бахмут е наша земја, наша територија и мораме да ја браниме“, рече тој. „Ако почнеме да го напуштаме секое населено место, тоа може да не доведе до нашата западна граница, што е она што Путин го сака уште од првите денови на војната“, вели тој.

Кажа дека украинските сили контролираат само мал дел од градот и дека Киев го признава тоа. „Но, мора да запомните дека Бахмут одигра голема улога во оваа војна“, вели тој. На прашањето дали платениците на Вагнер го напуштаат градот, тој вели: „Да, тоа се случува. Но, тоа не значи дека ќе престанат да се борат со нас. Тие ќе се концентрираат повеќе на други фронтови… тие се прегрупираат на другите три локации“.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години