Бендот „Фу фајтерс“ најде нов тапанар по ненадејната смрт на долгогодишниот член Тејлор Хокинс.
За време на преносот во живо на настанот Foo Fighters: Preparing Music for Concerts, на кој беше претставен единаесеттиот студиски албум на бендот, But Here We Are, членовите на бендот го претставија тапанарот Џош Фриз како наследник на Хокинс, пренесува Си-ен-ен.
Фриз е ветеран, настапувал со „Најн инч неилс“, „Д’ Офспринг“, Стинг и „Визер“, како и со многу други музичари. Некои љубители на музиката го нарекуваат на шега „крал на замени“ бидејќи многупати заменувал колеги рокери
Тој, исто така, се појави со „Фу фајтерс“ на лондонскиот трибјут концерт за Хокинс во 2022 година, па дури и свиреше на комплетот тапани на починатиот тапанар.
Во објавата на својот „Инстаграм“ на која е прикажана фотографија од сетот тапани на Хокинс, Фриз напиша дека инсистирал да го користи токму тој сет на настапот во Лондон, додавајќи: „Сакам таа енергија да биде на таа сцена“.
Хокинс почина во март 2022 година на 50-годишна возраст додека бендот беше на турнеја во Колумбија. Во јануари, Фу Фајтерс изјавија дека планираат да продолжат како бенд: „Без Тејлор, никогаш нема да бидеме бенд каков што бевме, а без Тејлор, знаеме дека ќе бидеме поинаков бенд кој ќе продолжи напред“.