Утрински Весник
Свет

НАТО во Вилнус ќе го препишува сценариото од Студената војна

НАТО во Вилнус ќе го препишува сценариото од Студената војна

НАТО ќе зачекори во иднината на самитот во Вилнус во јули, на кој лидерите во Алијансата ќе одобрат илјадници страници тајни воени планови кои, првпат по Студената војна, во детали ќе дефинираат како Алијансата ќе одговори на можен руски напад, пренесува Ројтерс.

dobivaj vesti na viber

Овој потег претставува фундаментална промена во НАТО, каде што со децении не гледаа потреба да подготат планови за одбрана од големи размери, водејќи помали војни во Авганистан и Ирак и сметајќи дека постсоветска Русија повеќе не претставува егзистенцијална закана.

Меѓутоа, со почетокот на руската специјална воена операција во Украина, првиот воен конфликт на европско тло по Втората светска војна – како што објави Ројтерс очигледно не сметајќи ја агресијата на НАТО врз Србија- сè се промени и НАТО сега сака да има подготвен одговор во случај на напад од кој било непријател, а пред сè Русија.

„Фундаменталната разлика помеѓу кризниот менаџмент и колективната одбрана е ова: редоследот на настаните не го одредуваме ние, туку нашиот противник“, вели адмиралот Роб Бауер, претседател на Воениот комитет на НАТО, додавајќи дека тие мора да се подготват за фактот дека може да дојде до конфликт во секој миг.

НАТО, исто така, ќе ги советува своите членки како да ги подобрат своите сили и логистика.

„Сојузниците ќе знаат точно какви сили и способности им се потребни, вклучително каде, што и како да ги распоредат“, вели шефот на НАТО Јенс Столтенберг за строго тајните документи, кои, како и во Студената војна, ќе предвидат распоредување одредени трупи за одбрана на одредени региони.

Ова, како што објаснува Ројтерс, е продолжение на распоредувањето на борбените трупи на НАТО – предводени од Велика Британија, Канада и Германија – на истокот од Стариот континент кое почна во 2014 година.

Сепак, Алијансата се соочува со огромна задача – во 2022 година се согласи да стави во состојба на готовност 300.000 војници, наспроти 40.000 во минатото.

Но, борбите во Украина го разоткрија недоволниот капацитет на членките на НАТО да произведат доволно количество оружје и муниција, а згора на тоа, мора да се подобри долго запоставената логистика неопходна за брзо распоредување војници со користење на железничкиот и патниот сообраќај.

За да ги финансира новите планови, Столтенберг ги повика членките да дадат повеќе пари за НАТО пред се со исполнување на финансиските обврски кон Алијансата (по два отсто од БДП), но и со зголемување на расходите за целите на Алијансата, што ќе биде и тема на самитот во главниот град на Литванија.

Претставниците на НАТО проценуваат дека целосното спроведување на новите планови ќе потрае неколку години.

Можете да прочитате

Службата за безбедност на Украина уапси осуммина осомничени за попречување на мобилизацијата

Троjцата Американци ослободени во размената на затвореници со Кина се вратија дома 

Грузиската полиција со водени топови против демонстрантите кои протестираат против владината одлука да го одложи барањето за пристапување во ЕУ