Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, побара изземање на обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство, со тврдење дека дел од информациите за кои сега се гони, му ги давал токму овој обвинител. Рајчев пак, негираше и кажа дека не контактирал со обвинетиот, како и дека не праќал информации. За изземањето на обвинителот, ќе треба да одлучи шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител Сашо Рајчев поради повеќе судири на интереси. Според мои сигурни информации, ОЈО мислам дека ќе излезе и со подетални информации можеби и обвинителен акт, лицето Рајчев ми испраќано информации кои се дел од предметите за кои ме судите, но и за предметите од ВЈО“, кажа Стаменковски.
Судијката Татјана Дуковска, побара објаснување, а Стаменковски додаде: Хајрулахи бараше извинување за информации кои ги имам објавувано (во тек е постапка за клевета). Информациите ги добивав од Рајчев, телефонот е одземен од ЈО, таму се информациите. Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови, информации негови од судот“.
Обвинителот Рајчев кажа дека се што кажал Стаменковски е невистина.
„Наводите денеска кажани се основ за клевета. Согласно ЗКП по поднесено барање за изземање на јавен обвинител одлучува претпоставениот на тоа Обвинителство. По денеска изнесеното барање за изземање да постапувам по овој предмет, ќе биде одлучено согласно законот. Во поглед на наводите на денешниот записник, ќе наведам дека обвинетиот не го знам ниту го познавам, ниту некогаш сум комуницирал со него на било кој начин и денеска искажаните наводи се во целост невистини, а водено ќе кажам дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови за кои денеска е обвинет, со оглед дека немам профили на социјалните мрежи, ниту сум го следел на друг начин“, кажа Рајчев.
Јавната седница пред Апелација е откако Марјан Доказ е осуден на три години и еден месец затвор.