Русија и Украина се согласија да ја примат мировната мисија од африкански лидери кои се обидуваат да посредуваат за разрешување на конфликтот меѓу двете нации, пренесува РТ.
На брифингот денеска, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса рече дека разговарал за предлогот со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот лидер Володимир Зеленски.
„Моите разговори со двајцата лидери покажаа дека и двајцата се подготвени да ги примат африканските лидери и да разговараат за тоа како може да се стави крај на овој конфликт. Дали тоа ќе успее или не, ќе зависи од дискусиите што ќе се одржат “, изјави Рамафоса за Ројтерс.
Јужна Африка, која е дел од групата држави со силен развој, БРИКС заедно со Бразил, Русија, Индија и Кина, е меѓу земјите што одбија да се вклучат во кампањата предводена од САД за санкционирање на Москва како реакција на непријателствата во Украина.
Претходно неделава, Рамафоса истакна дека Јужна Африка има традиција на неврзување првично усвоена за време на Студената војна.
„Во текот на целиот период, ние останавме цврсто на овој став: Јужна Африка не била и нема да биде вовлечена во натпревар меѓу глобалните сили“, посочи тој.
Згора на тоа, Рамафоса рече дека лидерите на Сенегал, Уганда и Египет исто така се согласиле да учествуваат во иницијативата и дека ги известиле за идејата Генералниот секретар на ОН, САД и Велика Британија.
Неколку држави, вклучувајќи ги Кина, Бразил и Турција, се понудија како посредници меѓу Москва и Киев, но Украина и нејзините западни поддржувачи остана на ставот дека единствениот остварлив пат за решавање на конфликтот е мировниот план на Зеленски.
Документот, кој беше решително отфрлен од Москва, се сведува на тоа дека Русија мора да признае пораз и да плати репарации, а во него е спомената и меѓународната заедница која му нуди на Киев помош за обнова и за безбедност.
Руската влада го доживува конфликтот во Украина како дел од пошироката прокси војна што против неа ја водат САД и нивните сојузници кои се обидуваат да ја заштитат својата хегемонија од мултиполарниот свет што се појавува.
Москва ги обвини Вашингтон и Лондон дека ги попречиле мировните преговори со Киев со посредство на Анкара, кои се одржаа во првите месеци од конфликтот и се чинеше дека се на чекор од договор за примирје.