Шпекулациите дека премиерот Димитар Ковачевски поднел оставка во јавноста протекоа уште во текот на вчерашниот ден.
Низ политичките кругови се зборуваше дека Ковачевски оставката ја доставил до Собранието, но истата не му била прифатена од собранискиот спикер, Талат Џафери. Освен за оставка од премиерската функција се зборуваше и за негово повлекување од претседателската функција во СДСМ.
„Макфакс“ уште вчера го праша премиерот дали оваа информација е точна, но тој негираше.
„Не е точно“, одговори кусо Ковачевски за „Макфакс“.
Засега во јавонста нема ни документ со кој може да се потврди точноста на овие информации, а по негирањето на Ковачевски.
Еден ден по шпекулациите во политичките колуари, информацијата за наводна оставка ја повтори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време. Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада. Прифативте улога со која не можете да се носите“, рече Мицкоски.
Досега ниту Собранието, а ниту СДСМ нема став за ваквите тврдења.