Утрински Весник
Македонија

Сите членови на Судскиот совет да си поднесат оставки, ја урнисуваат веќе лошата репутација на правосудството, бара Платформата против корупција

Сите членови на Судскиот совет да си поднесат оставки, ја урнисуваат веќе лошата репутација на правосудството, бара Платформата против корупција

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата соопшти дека Судскиот совет ја изгубил легитимноста да биде тело што ќе ја штити судската независност и бара од актуелните членови на Судскиот совет да поднесат оставки.

dobivaj vesti na viber

„Веќе втора недела јавноста сведочи како Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и од стандардите за транспарентно и отчетно работење на оваа институција. На 26 април 2023 година Судскиот совет спротивно на деловникот за работа вметна точка во веќе изгласаниот дневен ред по што одлучуваше за разрешување на претседателот на Судскиот совет, без да ги почитува правилата предвидени во законот, кои се однесуваат на потребното мнозинство за избор, како и на одредбите што ја уредуваат дисциплинската постапка во рамките на која единствено може да се утврди несоодветно постапување на член на Советот, вклучително и претседателот“, се вели во соопштението на Платформата.

Од таму потсетуваат дека на 4 мај 2023 година Судскиот совет соопштил оти е закажана седница само 15 минути пред нејзиниот почеток, а истиот ден известил дека во меѓувреме се оствариле две седници со исклучена јавност. Ова, според Платформата, е направено надвор од законските основи за исклучување на јавноста, како и без следење на процедурите за исклучување и без образложение за причините за тоа.

„На јавната седница не беа усвоени записници од претходните седници, ниту беше реферирано што се случувало на седниците на кои јавноста беше незаконски оневозможена да присуствува, туку Советот продолжи со избор на нов претседател како јавноста веќе да е запознаена со сè што се случувало претходно на седниците што не биле јавни“, дополнуваат од Платформата.

Според нив, на овие седници кои не биле јавни, според соопштенијата објавени на веб-страницата, дури откога беше завршена јавната седница од 4 мај, била повлечена одлуката за разрешување на претседателот, иако законот не предвидува можност за повлекување донесени одлуки на Советот, но исто така е направено повторно разрешување, повторно надвор од каква било законски предвидена процедура.

„На 9 мај Судскиот совет одлучи да ги отстрани камерите од просторијата во која се одржува седницата, што е првпат во работата на Советот да се отстранат камерите на новинарските екипи, а исто така е сторено во многу специфичен момент, односно откога се случија сите претходни отстапувања од законот и деловникот за работа. Ова, за жал, е дополнително намалување на транспарентноста на Советот, а воедно говори во насока на тоа дека членовите на Советот ги гледаат транспарентноста и јавноста на нивното работење како главна причина за состојбите, а не нивното сопствено незаконско постапување“, велат од Платформата.

Можете да прочитате

Родители на загинатите во Кочани: „Мицкоски ни рече да си ставиме цена на децата!“

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово