Утрински Весник
Свет

Путин го обвини Западот за војната: парадата во Москва бледа сенка на претходните поворки

Путин го обвини Западот за војната: парадата во Москва бледа сенка на претходните поворки

Денот на победата во Москва требаше да биде демонстрација на воена моќ, но оваа година на Црвениот плоштад само беше нагласено колку „специјалната операција“ се претвори во исцрпувачка војна.

dobivaj vesti na viber

Рускиот претседател Владимир Путин одржа говор кој траеше едвај 10 минути, при што уште еднаш го обвини Западот и ја оправда инвазијата на Украина.

„Повторно започна вистинска војна против нашата татковина. Но, ние се спротивставивме на меѓународниот тероризам, ќе ги заштитиме жителите на Донбас, ќе ја обезбедиме нашата безбедност… Западните елити зборуваат за својата ексклузивност, ги делат луѓето и предизвикуваат крвави конфликти, сеат омраза, русофобија, агресивен национализам, ги уништуваат традиционалните семејни вредности – рече Путин во Москва по повод Денот на победата – 9 Мај.

„Изгледа тие (Западот) заборавија до што доведоа лудите тврдења на нацистите за светска доминација, дека заборавија кој го победи тоа монструозно тотално зло, кој застана да ја брани својата земја и не ги поштеди своите животи за ослободување на народот во Европа“ – додаде рускиот претседател.

Речиси осум децении, годишната прослава на Денот на победата во Москва не беше само почит на 27 милиони советски цивили кои загинаа борејќи се во нацистичка Германија во Втората светска војна, туку и внимателно оркестрирано прикажување на руската моќ.

Оваа година, сепак, прославите низ целата земја беа откажани или ограничени, додека вообичаената поворка со униформирани војници и оружје во главниот град беше бледа сенка на парадите одржани пред инвазијата на Украина.

Исто така, за разлика од претходните години кога голем број странски претставници отпатуваа во Москва на парадата, овој пат дојдоа само седум лидери од седум други поранешни советски републики – Казахстан, Узбекистан, Киргистан, Туркменистан, Таџикистан, Белорусија и Ерменија.

Крис Стивенсон во својата анализа за „The Independent“ пишува дека Денот на победата на Путин само покажал под колкав притисок е тој. Ова беше поинаква парада од оние во минатото, со помалку војска, опрема, пократка поворка и немаше традиционални прелетувања.

Можеби најдобар доказ е дека овој 9 мај беше прикажан само еден тенк, Т-34 од советската ера, додека поранешните паради беа придружени со тенковски поворки на Црвениот плоштад.

„Политико“ пишува дека освен неколку десетици оклопни транспортери, тешки тактички возила што ги користат чеченските сили и противвоздушни системи со долг дострел, најголемиот дел од „застрашувачкиот“ руски арсенал не бил ни на повидок, бидејќи најверојатно се наоѓа во акција на истокот на Украина или лежи уништено на бојното поле.

Според руските медиуми, на парадата учествувале повеќе од 10.000 луѓе и 125 парчиња оружје и воена опрема, сепак, се проценува дека имало помалку, околу 8.000 луѓе.

Можете да прочитате

Путин го разреши началникот на копнените сили на војската

Хорор: Маж ја уби бабата, па ја запалил и сето тоа поради мачката

Трамп: Нема да има напредок во мировните преговори додека лично не се сретнам со Путин