Минатата недела на „Нетфликс“ пристигна мини серијата „Кралицата Шарлот: Приказна за Бриџертон“, претпродолжение на хитот „Бриџертон“.
Новата спиноф-серија, приказна за потеклото на титуларниот лик, се враќа во минатото за да го раскаже подемот на монархињата кон моќта, како и нејзиниот љубовен живот. Ја прикажува млада Шарлот и почетокот на љубовната приказна со кралот Џорџ Трети.
Главните улоги ги толкуваат Индија Амартефио, која ја портретира дрската монархиња Шарлот, Арсема Томас ја портретира леди Агата Данбери, Кори Малкрест е младиот крал Џорџ, а Мишел Ферли ја глуми принцезата Аугуста.
Мини серијата од шест епизоди многу бргу се најде на самиот врв на гледаност на стриминг-платформата, а најголемо внимание на гледачите им привлече младиот актер Кори во улогата на кралот Џорџ.
25-годишниот Кори, роден во Лондон, пред три години дипломирал глума на Кралската академија за драмска уметност. Својата кариера ја почнал во театарот, каде што глумел во продукциите на Шекспировите „Магбет“, „Јулиј Цезар“ и „Хамлет“.
Неговото телевизиско деби беше во серијата The Sandman: King of Dreams. Глумеше и во кратки филмови, а првата голема улога ја добива во серијата „Кралицата Шарлот“. Тој неодамна се огласи за својата улога на кралот Џорџ.
„Беше привилегија да го глумам Џорџ. Тој е лик со широк спектар на однесувања, што е фамозно. Мислам дека беше брилијантно не само тоа што можев да го истражам неговото здравје, болката и бедата што ги доживува, но и како сето тоа влијае на главниот наратив, а тоа е љубовна приказна за тоа како љубовта го пронаоѓа својот пат – исто како водата што тече… ги избегнува пречките и продолжува да тече“, изјави актерот во една пригода.
Откри дека совет за улогата му дале актерите од првите две сезони на оригиналната „Бриџертон“, Реџе Пејџ и Џонатан Бејли. „И двајцата се многу мили луѓе и се неверојатно згодни. И свесен сум дека се поинакви од мене“, вели Кори.
Тој рече и дека има посебна личност во својот животот, но не сакаше да открие за која се работи и колку долго е во врска. Претходно не ја гледал оригиналната серија, која стана светски хит.
„Едноставно, некако се лизна покрај мене. Не знам како. Ми рекоа да не ја гледам, да не се обидувам да имитирам туѓа изведба. И штом ја добив улогата, реков: Во ред, сега морам да ги гледам сите епизоди. Седнав и ги изгледав сите наеднаш“.
За потсетување, додека гледачите ја очекуваат третата сезона на „Бриџертон“, „Нетфликс“ објави претпродолжение, кое се фокусира на подемот на кралицата Шарлот.
„Овој спиноф открива како бракот на младата Шарлот со кралот Џорџ поттикна и голема љубовна приказна и социјална промена создавајќи го општеството во кое подоцна се родени ликовите во ‘Бриџертон’“, стои во најавата на серијата.