Членот Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ најави дека ќе го услови доделувањето одобрение за изградба на два гасоводи со Хрватска и Србија со усвојување на државниот Закон за гас, што може да му ја отежне работата на Советот на министри, кој е условен и со барањата на Република Српска, пренесува јрватски „Индекс“.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, најави минатата недела дека српските министри нема да учествуваат во работата на Советот на министри на БиХ ако оваа институција не одобри продолжување на реализацијата на новата источна гасна интерконекција со Србија.
Недоразбирањето беше надминато во петокот, кога Додик и лидерот на владејачката партија Народ и правда Елмедин Конаковиќ, кој е и шеф на дипломатијата на БиХ, се договорија одлуките за реализација на источната и јужна гасна интерконекција со Хрватска да се донесат на следната седница на Советот на министри..
Комшиќ предупреди дека ќе го запре планот на Додик и Конаковиќ и ја услови изградбата на гасоводот со усвојување на националниот Закон за гас.
„Без законот за гас никогаш нема да гласам за него“, истакна Комшиќ, додавајќи дека со слично мислење е и бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќиревиќ,
Комшиќ објасни дека гасоводите управувани од компании под надзор на Република Српска, односно од жупанијата во која на власт е ХДЗ БиХ, практично ќе им го предадат снабдувањето со гас на Белград, односно на Загреб.
Според Дејтонскиот мировен договор, Претседателството на БиХ мора да даде согласност за спроведување на меѓународните договори и спогодби.
Ако Комшиќ ја оспори реализацијата на гасната интерконекција со Србија, односно со Хрватска, на седницата на државниот врв, а Беќировиќ и претседателката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, да не се согласат со него, тој би можел да го запре усвојување на таа одлука со барање од хрватскиот клуб во Домот на народот на Федерацијата БиХ да прогласи повреда на виталниот национален интерес.
Сепак, таквото негово барање сигурно би било отфрлено зашто, во актуелниот состав, дури 18 од 23 пратеници во горниот дом на парламентот на БиХ гравитираат околу Хрватскиот народен сабор (ХНС) БиХ, кои го сметаат Комшиќ за нелегитимен хрватски член на Претседателството бидејќи тој им беше наметнат со мнозинство гласови од Бошњаците.