Серхио Перез ќе стартува од пол-позицијата на утрешната трка за Големата награда на Мајами. Мексиканецот до третата пол-позиција оваа сезона дојде благодарение на инцидентот што го предизвика Шарл Леклер на 96 секунди до крајот на квалификациската сесија.
Шансите за победа на утрешната трка рапидно пораснаа откако неговиот тимски колега Макс Ферстапен не успеа да постави време. Холанѓанецот на почетокот на третата сесија направи грешка, се повлече во својата гаража, се реши да има уште само еден круг, кој не го извозе поради излетувањето на Леклер.
Инаку, возачот на Ферари, исто така направи грешка на почетокот на третата квалификациска сесија, но тогаш успеа да постави време и трката ќе ја започне од седмото место.
Leclerc goes spinning off into the barriers!
🚩 RED FLAG 🚩 #MiamiGP #F1 pic.twitter.com/tabpI1bSnm
— Formula 1 (@F1) May 6, 2023
Второто место, зад Перез, го освои ветеранот Фернандо Алонсо со Астон Мартин. Вториот ред на стратот го формираа Карлос Саинц (Ферари) и Кевин Магнусен (Хас).
Магнусен го изедначи својот најдобар резултат, во 2014 година од четвртото место ги започна трките во Австралија и Германија.
Пјер Гасли (Алпин) и Џорџ Расел (Мерцедес) се во третиот ред, Леклер и Естебан Окон (Алпин) во четвртиот, а Ферстапен и Валтери Ботас (Алфа Ромео) во петтиот ред на стартот.
Во квалификациите целосно потфрли седумкратниот светски првак, Луис Хамилтон, кој со својот Мерцедес ќе стартува од 13. место.
Трката се вози во недела од 21.30 часот.