Утрински Весник
Македонија

Брза помош не доаѓа во Шутка, Поликлиниката нема специјалисти, жителите револтирани

Брза помош не доаѓа во Шутка, Поликлиниката нема специјалисти, жителите револтирани

Ромите и граѓаните од Шуто Оризари бараат функционална политика, реагираат ромските невладини организации.

dobivaj vesti na viber

„Во Законот за здравствена заштита е јасно наведено дека во една Поликлиника потребно е да се обезбеди здравствена дејност на две или повеќе ординации од специјалистичко-консултативната дејност и соодветна дијагностичко-лабораториска, односно заботехничко-лабораториска дејност и радиодијагностичка дејност. Меѓутоа ниту една од овие здравствени дејности не се обезбедува во Поликлиниката во Шуто Оризари, што не е случај со Поликлиниките во останатите општини во Градот Скопје“ изјави Борјан Павловски од Здружение ЕСЕ.

Ромите и граѓаните од Шуто Оризари, се додава во реакцијата, се соочуваат со сериозни проблеми во пристапот до основните здравствени услуги од примарната и секундарната здравствена заштита. Според изнесеното во соопштението, кај дури 35% од Ромите од Шуто Оризари кои повикале Итна медицинска помош истата не дошла, додека кај 40% пристигнала во временски период подолг од 30 минути. Во Шуто Оризари нема доволен број на матични лекари, имено има 3.675 жители на 1 матичен доктор, додека во Уредбата за мрежата на здравствени установи предвидено е да има 1000 жители на еден матичен лекар.

„Недостигот на матични лекари сериозно се рефлектира на здравјето на целата заедница. Но стравот е уште поголем поради тоа што и сегашните матични лекари се веќе пред пензионирање, или пак дел од нив го продолжија работниот век, со цел да не се остават дополнителни три илјади граѓани без матичен лекар“, изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ.

Во општината, додаваат упатените, нема ниту еден доктор специјалист кој има договор со Фондот за здравствено осигурување, а нема ниту рентген апарат. За сите овие здравствени услуги луѓето од Шуто Оризари треба да патуваат во другите скопски општини што претставува дополнителна пречка за сиромашното население. Поради недоволниот број на патронажни сестри во општината само 23% од жените Ромки биле посетени од патронажна сестра при последната бременост, додека само 18% од мајките и новороденчињата биле посетени од страна на патронажна сестра.

„Граѓаните ни кажуваат дека патронажните сестри веќе подолг перод не се присутни на терен во Шуто Оризари.“ изјави Мерлина Мифтарова од Романо Чачипе. „Секој пат кога ќе им се јавиме на патронажните сестри да ги прашаме зошто не ги посетуваат мајките и децата, ни кажуваат дека тоа е поради тоа што не се во доволен број, а имаат голем реон за посета.“, изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ.

Дежурната служба, во Поликлиниката, како што се додава, воопшто не е опремена со медицинска опрема, материјали ниту лекови.

„Лекарите во дежурната служба многу често пациентите ги препраќаат по болниците. Освен стетоскоп и неколку инекции друго немаат. На прашањето зошто немаат, одговараат дека Здравствениот Дом е одговорен и дека стетоскопите и друг материјал си носат од нивните ординации. Бројот на дежурни лекари кои ротираат се намалува, а се случува некои викенди да нема дежурен лекар“. Изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ. „Поради сето ова дежурната служба е скоро невидлива и нефукционална и граѓаните често пати немаат можност да добијат лекарски третман во ноќните часови.“, се надоврза со изјава Мерлина Мифтарова од Романо Чачипе.

„Поради сите овие причини граѓанските организации Здружение за развој и унапредување на ромската заедница – Романо Чачипе; Иницијатива за развој и инлкузија на заедниците – ИРИЗ; и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, започнуваат со спроведување на петиција насловена Бараме функционална Поликлиника во Шуто Оризари! – Ромите и сите граѓани од Шуто Оризари повеќе нема да молат за своето здравје!”која ќе биде потпишувана на терен од самите граѓани, како и во форма на онлајн петиција.

Преку петицијата граѓаните бараат од надлежните институции во Поликлиниката во Шуто Оризари да обезбедат: 1. Пункт за итна медицинска помош; 2. Дополнителни две опремени ординации за работа на матични лекари; 3. Специјалистичко-консултативна здравствена заштита од најмалку четири специјалности: интерна медицина, дерматовенерологија, неврологија и ортопедија; 4. Радиодијагностичка дејност (Рентген дијагностика); 5. Зголемен број на патронажни сестри; 5. Опремена Дежурна служба“, се истакнува во соопштението.

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома