Скопскиот обвинител дежурен викендов знае дека мајка и ќерка се натепани во Петровец, но не смета дека треба да бара мерка притвор или куќен притвор. Според него, не се исполнети законските основи за одредување на ваква мерка за обезбедување присуство. Ова е засега конечна одлука, иако, мајката и ќерката јавно алармираа дека се чувствуваат загрозени. Случајот е во рацете на МВР.
„Дежурен јавен обвинител ги разгледа сите околности и оцени дека во овој момент не се исполнети законските основи да бидат предложени мерки“, велат од Обвинителство за „Макфакс“
За да се одреди мерка притвор или куќен притвор, треба да постои сомневање и докази дека насилникот кој физички се пресмета со двете жени, има намера да се даде во бегство или да биде недостапен за органите на прогонот. Ова според обвинителот не е случај.
Мајката и ќерката случајот го обзнанија јавно. Тие во медиумите посочија дека не се чувствуваат сигурни по настанот. Споделија и фотографии на кои се гледаат модрици по нивните лица.