Од Министерството за надворешни работи информираат дека во текот на вчерашниот ден, од Судан, кој е зафатен со воени судири, биле евакуирани четири државјани на Република Северна Македонија. Евакуацијата била реализирана со асистенција на Саудиска Арабија.
„Евакуираните граѓани на Република Северна Македонија во моментот се наоѓаат во градот Џеда, Саудиска Арабија. Нашата амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со тамошните власти, во насока на нивно враќање во Северна Македонија. До сега се евакуаирани вкупно 4879 лица, од кои 139 се Саудијци, а другите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД, а од нашиот регион освен Северна Македонија, се и Грција и БиХ“, велат од Министерството.
Министерството за надворешни работи, дополнува, со внимание го следи развојот на состојбите во Судан и е во комуникација со држави кои имаат свои дипломатски конзуларни претставништва во земјата.
„Во оваа прилика апелираме доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса [email protected], Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и е-мејл адреса [email protected], како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и следната е-мејл адреса [email protected]“, завршуваат од Министерството во своето соопштение.