Доцентот по уставно право на УКИМ, Денис Прешова повика да се иницира интерпелација за претседателката Весна Дамева која сега е разрешена, поранешната претседателка Павлина Црвенковска и заменикот на Судскиот совет, Селим Адеми.
На социјалните мрежи тој пишува дека имајќи предвид оти главни протагонисти во последните случувања се членовите на советот од редот на „истакнатите“ избрани од Собранието, пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација, особено и во најмала рака, против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик претседател.
„Да се испитаат сите наводи за разни влијание врз советот на кои во повеќе наврати упатуваат токму овие членови и да се оцени нивната досегашна работа. Вакво нешто е целосно во согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за Судскиот совет имајќи предвид дека не само што овие членови се избрани, туку, и според законот тие својата оставка ја поднесуваат до Собранието. Интерпелацијата би требало да биде иницирана во најбрз можен рок особено поради тоа што е очигледно дека овие членови на Судскиот совет во континуитет не сакаат отворено и јавно да кажат за какви влијанија и притисоци станува збор, а најмалку тоа и го должат на јавноста, но и фелата“, вели Прешова.
Што се однесува до постапката околу разрешувањето на претседателот или претседателката на Судскиот совет, вели тој, повторно треба да се биде внимателен со тврдењата дека такво нешто не може да биде направено согласно законот. Имено, како што додава, такво нешто не е предвидено ниту за претседателот на Собранието или претседателот на Уставниот суд, и другите тела како на пример Комисијата за заштита од дискриминација и слично.
„Не верувам дека би можеле да имаме категоричен, но и формалистички, став дека такво нешто не е возможно и во овие ситуации бидејќи нема никакви одредби во соодветните правни акти за разрешување и престанок само на функцијата претседател. Како потсетување, претходната претседателка на Судскиот совет, Црвенковска, поднесе оставка од функцијата претседател иако такво нешто не предвидено со Законот за Судскиот совет. Дали тоа значи дека таа според законот не можела да поднесе оставка? Следствено, тврдењата и заклучоците би требало да бидат малку поизнијансирани, иако е неспорно дека постојат бројни прекршувања на законот и Деловникот на Судски совет“, вели Прешова во ставот.
Судскиот совет во средата со седум гласа „за“ ја разреши Весна Дамева од функцијата претседател на советот. Дел од експертите реагираа дека во Законот за Судски совет и во Деловникот не е предвидена процедура за разрешување претседател.