Утрински Весник
Економија

Мицкоски: За пенали и авансни плаќања, Владата презела обврска од 300 милиони евра во договорот за коридорите

Мицкоски: Никој не доби мандат за да менува Устав

ВМРО-ДПМНЕ одржа брифинг со новинари на кој тема беа договорoт за дел од коридорите 8 и 10 д и теренските активности на ВМРО-ДПМНЕ во идниот период.

dobivaj vesti na viber

Од партијата велат дека обврските што Македонија ги презела согласно договорот почнуваат веднаш по неговото потпишување, односно од 8 март кога Владата практично го потпиша договорот со „Бехтел и Енка“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, важно е да се спознаат кои се обврските што сега и веднаш државата ги презела по потпишувањето на договорот.

„8 март. Во самиот договор таа дата и се нарекува ефективна дата. И од таа дата понатаму произлегуваат многу обврски, кои, пред сè, се суштински и од кои произлегуваат огромен број финансиски импликации. Првата обврска што државата ја презема со овој договор е директна исплата на аванс во висина од 50 милиони евра. Тоа е дефинирано на самиот почеток на договорот, односно во рок од 45 дена од 8 март од денот на потпишување на овој договор државата треба на компанијата во форма на аванс да ѝ исплати 50 милиони евра. Втора ставка, која предвидува финансиски импликации во висина од 117 милиони евра, се однесува на дел од договорот наречен contractor establishment payment, што значи подготовка на градилиште и припремни работи. Имено, првите 87 милиони евра треба да се исплатат за две недели по потпишување на договорот и тој рок практично истекол, а преостанатите 30-ина милиони евра треба да се исплатат 45 дена од потпишување на договорот. Со ова долгот кон изведувачот до 22 април е 167 милиони евра“, вели Мицкоски.

Понатаму, поради преземени обврски за работи што се однесуваат на промена на законските решенија, а чии рокови се пробиени, Македонија до 6 мај треба да му плати 53 милиони евра под ставка пенали на „Бехтел и Енка“ затоа што до рокот од 22.4.2023 не е направена промена на Законот за работните односи, каде што работните часа од 40 неделно треба да се зголемат на 60 часа. Поради ова, велат од ВМРО-ДПМНЕ, државата исто така ќе му плаќа на изведувачот и пенали од 1.265.000 евра секој месец до завршување на проектот затоа што обврската за промена на Законот за работните односи не е исполнета. Дополнително, предвидено е уште 900.000 евра да се исплаќаат секој месец поради непромената на законот.

Во договорот има точка за менаџирање проектот за 3 милиони евра. Тоа се 172 милиона евра авансно плаќање до сега.

Македонија, поради Владата, ќе треба да плати 300 милиони евра со пеналите заедно, а уште ни лопата не е фрлена, вели Мицкоски.

„До овој момент тоа што е потпишано не е дел од 1,3 милијарда евра бидејќи експропријацијата не е ставена во сумата. Ако 350 милиони е експропријацијата на земјиштето, ова е најмалку 30 % поскап проект, 2,2 до 3 милијарди евра. Имено, на 130. страница е дадена цена за површински ископ 5,36 кубен метар. Во таа цена е вклучен транспорт до 3 км. За секој нареден, 0,17 евра за км за тон и тоа би изнесувало 7,4 евра за км. А како пример, ‘Гранит’ за истово работи за цена од 2,33 евра за кубен метар за патот од Блаце до село Блаце. Во договорот со ‘Бехтел и Енка’ потповршински ископ, според договорот, ќе чини 8,95 евра м3, ‘Гранит’ за истово наплаќа 4 евра за кубен метар. Според договорот, исто така може да прават измени во законите, затоа пратениците дале предлог за измени на 9 закони за да се забрза проектот. А измените ги предлагаат пратениците, кои по професија се: психолог, доктор, филозоф, професор по физичко, ликовно итн.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ниту во Собранието ниту во комисиите не гласаа за законот за стратешко инвестирање со „Бехтел и Енка“.

Тој договор, ако не може да се договори на мирен начин, треба да се арбитрира во Париз и арбитражата ќе се врши според правилата на Меѓународната стопанска комора, и тоа според законот на Англија и Велс.

Можете да прочитате

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025