Утрински Весник
Свет

Кинеското МНР: Пекинг го почитува суверенитетот на постсоветските земји

Кинеското МНР: Пекинг го почитува суверенитетот на постсоветските земји

Пекинг го почитува суверенитетот на сите поранешни советски републики, истакна портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на брифингот денеска по бранот критики што го предизвика кинескиот амбасадор во Франција со своите коментари за Крим и новосоздадените држави што произлегоа од поранешниот Советски Сојуз, пренесува ТАСС.

dobivaj vesti na viber

„По распадот на Советскиот Сојуз, Кина беше една од првите земји што воспостави дипломатски односи со новосоздадените земји. Кина отсекогаш се придржуваше до принципот на заемно почитување и еднаков третман. Кина го почитува суверениот статус на републиките што беа основани по распадот на Советскиот Сојуз“, рече Мао.

Мао го опиша и ставот на Кина за Украина како јасен и конзистентен.

„Подготвени сме да продолжиме да работиме со меѓународната заедница за да дадеме свој придонес кон изнаоѓање политичко решение за украинската криза“.

Според кинескиот амбасадор во Франција, Лу Шаје, земјите што произлегоа од поранешниот Советски Сојуз немаат ефективен статус според меѓународното право бидејќи не постои меѓународен договор што го потврдува нивниот статус како суверени нации.

Коментирајќи го статусот на Крим, Шаје истакна дека Крим првично бил дел од Русија, но дека Никита Хрушчов во 1954 година административно ѝ го префрлил на Украина. Кина формално не го признава Крим како дел од Русија.

По коментарите на Шаје, Литванија, Летонија и Естонија ги повикаа кинеските амбасадори во своите земји за појаснување во нивните министерства за надворешни работи.

Во меѓувреме, група од 80 европратеници испрати писмо до француската министерка за надворешни работи, Катерин Колона, во кое бараат Париз да го прогласи кинескиот амбасадор во Париз, Лу Шаје за персона нон грата поради неговите коментари за статусот на поранешните советски републики.

„Амбасадорот Лу Шаје јавно изјави дека поранешните републики на Советскиот Сојуз немаат ефективен статус во рамките на меѓународното право. Бараме кинескиот амбасадор да биде прогласен за персона нон грата поради неговото неприфатливо однесување“, се вели во нивното писмо објавено во неделата во „Ле Монд“.

Според нив, забелешките на Шаје се навреда за историјата, културата и за интегритетот на засегнатите држави.

 

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година