Прет=миерот, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска беше на увид во градежните работи за рехабилитација на делницата Петровец-Катланово. На терен беа присутни и претставници од надзорот и изведувачот на градежните работи на оваа делница од Турција, Акционерското друштво за асфалт изведба, градежништво, индустрија и трговија „Макимсан“.
Вкупната должина на рехабилитацијата со проширување на автопатот А1, делница Петровец – Катланово изнесува 10,7 километри, а инвестицијата е во висина од 6,3 милиони евра.
„Денеска сме повторно на терен, овој пат на увид во градежните активности на автопатската делница Петровец – Катланово. Од она што денеска можам да го видам овде на терен, се радувам и драго ми е што градежните работи добиваат на интензитет и што добив уверување дека изведувачот ќе стори се што е во негова моќ за забрзување на изведбата на оваа делница“, потенцираше Ковачевски, на настанот, апелирајќи до изведувачите и сите инволвирани во изведбата на оваа делница да се забрза динамиката на реализација.
Изрази надеж дека градежните работи на делницата, која е предвидено да се заврши до крајот на годинава, ќе биде брзо реализирана.
„Се надевам и укажувам градежните работи за рехабилитација со проширување на двете ленти од коловозот на оваа автопатска делница да се реализираат уште пред предвидениот рок и со забрзана динамика најдоцна до декември годинава, како што е предвидено“, рече Ковачевски, додавајќи дека обезбедувањето на модерната инфраструктура и поврзаност е дел од стратешката определба на Владата.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече дека градежната офанзива во инфраструктурата е засилена насекаде низ државата и дека оваа година има најголем обем на инвестиции.
„Ова е делница од Коридорот 10, дел од европските коридори, за нас многу значајна патна и транзитна врска и затоа наша обврска е на овој Коридор да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат. Она што е многу важно е дека посветуваме големо внимание на безбедноста на патниот Коридор 10. Инвестициите во патната мрежа ги продолжуваме со уште позасилено темпо. На терен ги вклучуваме сите капацитети, цела градежна оператива ја ставиме во функција за да ги модернизираме патиштата низ земјава“, истакна Бочварски.
Додаде дека во моментов се инвестира околу една милијарда евра во рехабилитација и изградба на патната мрежа низ земјава, а се започнува со изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10 д. Годинава, како што потенцираше Бочварски, се започнува и со изградба на втората фаза од автопатската делница Скопје – Блаце.