Пропадна уште еден обид за да се одржи јавна седница за случајот „Титаник 2“ поврзан со изборни нерегуларности. Одново не дојде обвинетиот лидер на ДПА, Мендух Тачи. Според Апелација, тој бил поканет, но поканата не била уредно доставена. Поради ова, не можеше да се дискутира за жалбите кои ги имаат поднесено осудените од Кривичен суд, но и да се констатира дека делото на Сашо Мијалков, застаре пред една недела.
Ова е вторпат на закажана јавна седница, да не дојде Мендух Тачи. Поради неодржување на првата, пред две недели, не се донесе правосилна пресуда – и со тоа пропадна последната шанса Мијалков да добие конечна одлука од судот.
Случајот „Титаник 2“ за изборните нерегуларности двапати влезе во судница во Кривичниот суд и вторпат е во Апелација. Мијалков се гонеше за примање награда за противзаконито влијание.
Предметот го судат претседателот на Советот, Ѓоко Ристов, како и судиите Тања Милева, Лидија Зимбовска, Зоран Димитриевски.
Првата пресуда за „Титаник 2“ беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.